Американскиот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар изјави дека не постои можност за отцепување на Република Српска од БиХ. По средбата со претседавачот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, Ескобар изјави дека САД целосно го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ. Тој ги осуди најновите потези на српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, кои се однесуваат на враќање на надлежностите на ентитетите, додавајќи дека тие водат кон ескалација. Претседателот на Претседателството на БиХ, Комшиќ изјави дека нема да стане жртва на провокациите на Додик.
Ескобар додаде дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ треба да се направи што е можно поскоро, бидејќи луѓето од регионот се поврзани со Европа во економска и културна смисла. Комшиќ, како што јавуваат босанските медиуми, го известил специјалниот пратеник на претседателот на САД за полициската вежба што ќе се одржи денеска во РС, во која учествуваат Министерството за внатрешни работи и жандармеријата на РС. Тој вежбата ја опиша како уште еден провокативен потег „насочен кон создавање конфликт“.
Во меѓувреме, српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, оцени дека американската амбасада во Сараево е „епицентарот на нестабилноста во БиХ“. Додик за агенцијата Срна рече дека би било добро за сите во БиХ американската амбасада во Сараево да престане „да се заканува и да држи лекции за уставноста и да го прекрши Дејтонскиот договор“.