Сметам дека е потребен проактивен ангажман на ЕУ за напредокот на Западен Балкан, со оглед на тоа дека регионот е дел од нашиот заеднички простор, дел од нашата заедничка историја и култура и би требало да стане дел од Европската Унија, рече претседателот на Националното Собрание на Словенија, Игор Зорчич, на Конференцијата на Претседателите на Парламентите на земјите- членки на Советот на Европа. Во неговото обраќање на сесијата посветен на „Заедничката иднина на сите европски граѓани”, се фокусираше на важноста на политиката на проширување на ЕУ кон Западен Балкан, како клучен елемент за стабилноста на Унијата.
-Процесот на проширување е важна алатка за демократска трансформација на општествата и политиката. Тоа е гаранција за подобра перспектива и живот, како за поединеците, така и за општествата во целина. Затоа верувам дека е императив да се обноват преговорите со Србија и Црна Гора, да се отстранат политичките блокади и да се отворат преговорите со Северна Македонија и Албанија. Кандидатски статус би требало ѝ се даде на перспективата на Босна и Херцеговина и би требало да се решат конкретните прашања поврзани со Косово, истакна Зорчич.
Рече дека „за жал, сегашното темпо за регионот, кој исто така се соочува со заеднички предизвици како што се миграцијата, климатските промени, сајбер заканите, а исто така силно ги чувствува ефектите од Ковид-19, е далеку од охрабрувачки” и посочи дека помина 21 година откако Европскиот совет во Фиера првпат ја спомна можноста за членство на земјите од Западен Балкан и осумнаесет години од солунската агенда и изрази силно уверување дека „време е за следниот чекор”.
-Факт е дека Европската Унија повеќе не е единствениот играч на Балканот, но е единствениот што може да му понуди на регионот подобар животен стандард, не само во економска смисла, туку пред сè во смисла на имплементирање заеднички европски вредности, кои ги претставуваат најблагородните идеи на западноевропската цивилизација, родена токму овде во Атина пред повеќе од три илјади години, рече претседателот на словенечкото Собрание.
Додаде дека ако ЕУ сака да ја задржиме улогата на глобален играч, тогаш прашањата поврзани со Западен Балкан и со Источното партнерство„мора да бидат вклучени во дискусиите за иднината на Европа”.
На европската перспектива на Западен Балкан се осврна и претседателката на албанското Собрание Линдита Никола, која говореше за асиметрии во Европа, рече дека европските вредности не се загарантирани додека европските политички граници не ги исполнат географските граници на нашиот континент и додаде дека политиката на проширување не е во можност да ги надмине пречките и предрасудите за земјите од регионот.
– Чекаме долго време ред портите што би требало да бидат нашиот дом,. Би требало сите да разберат дека Западен Балкан е додатна вредност, а не додатен проблем за Европската Унија, истакна Никола.
Претседателот на Собранието на Црна Гора Алекса Бечич порача дека Европа без земјите од Западен Балкан не е целосна.
На денешната сесија на Конференцијата на тема „Заедничката иднина на сите европски граѓани”, што ја водеше претседателот на грчкиот Парламент Константинос Тасулас говореа над 20 претседатели на Парламентите на земјите членки на Советот на Европа, меѓу кои и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, кој рече дека „ние, како земја кандидат за членство во ЕУ и останатите земји од Западниот Балкан сме вклучени во дебатата за иднината на Европа, со цел да ги потврдиме нашите аспирации за членство, да дадеме придонес за унапредување на европскиот проект и да докажеме дека нашето членство дополнително би ја зајакнало Унијата”.