Истовремената употреба на вакцини против грип и коронавирус е безбедна, покажаа истражувањата за кои денеска во седиштето на СЗО во Женева зборуваше Силви Брајан, директорка на Службата за глобална подготвеност за критични инфекции при Светската здравствена организација.
-Постојат неколку студии кои покажуваат дека е безбедно да се даваат двете вакцини истовремено, објасни таа. „Сепак, мора да се консултирате со вашиот лекар за индикациите за употреба на двете вакцини”, додаде таа.
Запрашана како пациентот може да ги разликува симптомите на грип од оние на Ковид-19, директорката потсети дека вообичаените симптоми на грип се треска, главоболка и болки во мускулите, како и течење на носот и кашлица.
-Ковид-19 во суштина ги има истите симптоми, но на нив се додаваат и губењето на чувството на мирис и вкус. Многу луѓе, особено младите луѓе, со Ковид-19 покажуваат дополнителни специфични симптоми”, рече Брајан.
-Понекогаш, сепак, има малку симптоми на двете болести, а тоа најмногу зависи од нивото на имунитет, објасни таа.
Брајан нагласи дека е важно да се знае дека „превентивните мерки делуваат и кај двете болести”.
Експертката потсети дека е потребно миење раце, проветрување на просториите, носење маска и одржување на физичка дистанца.
-И грипот и Ковид-19 можат да се спречат доколку се следат овие мерки, рече таа.