Многу наши гласачи од Скопје не излегоа во првиот круг со што испратија сериозна порака кон СДСМ. Пораката на граѓаните е примена, СДСМ е партија која учи од своите грешки. Токму затоа во вториот круг продолжуваме со порака „Скопје се обединува и продолжува напред“, вели во интервју за „Локално“, актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат од СДСМ, Петре Шилегов.
Според него, во Скопје резултатите се речиси изедначени, откако битката во првиот круг се водеше со 11 противкандидати. Шилегов смета дека „во второто полувреме ќе има сосема друг натпревар“, бидејќи ќе има два сосем различни концепти за Скопје. Во однос на изјавата на опозицијата „СДСМ ќе падне, откако Шилегов ќе падне во Скопје“, кандидатот за градоначалник смета дека „скопјани знаат дека „модерно Скопје“ нема врска со тие што имаат слоган „Цело Скопје ВМРО-вски град“.
-Воопшто не сум засегнат од црната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, која нема ни свој кандидат за градоначалник на Скопје, а веќе го прогласија Скопје за „ВМРО-вски град“ славејќи со зурли и тапани пред нивната криминална палата. Фокусиран сум на вториот круг на изборите на 31 октомври, и на понудата за скопјани. Скопјани знаат дека „модерно Скопје“ нема врска со тие што имаат слоган „Цело Скопје ВМРО-вски град“ кои систематски и осветнички го уништуваа секој траг на модернизмот во Скопје, и иднината на младите во Скопје.
„Победувам во првиот круг“ изјавивте веднаш откако гласавте во првиот круг од локалните избори. На крајот загубивте со над 7.000 разлика. Се кажа и кажавте многу во изминатава недела за причините за ваквиот резултат, но генералната слика е дека резултатот нема да се промени и по вториот круг. Верувате ли вие сепак во пресврт?
– Во Скопје резултатите се речиси изедначени, а битката во првиот круг беше со 11 противкандидати. Второто полувреме е сосема друг натпревар, каде што се соочуваат два сосем различни концепти за Скопје. Заканите и говорот на омраза по првиот круг во Скопје од тие што предвреме го славеа Скопје како „вмро-вски град“ не се чекор напред, туку два чекора назад. На Скопје не му треба враќање во мрачната 2017 кога на скопските улици се сееја омраза и поделби, туку континуитет во развојот кој го направивме овие четири години. Токму затоа верувам дека мудроста на скопјани ќе биде посилна од гневот, и дека ќе победам во вториот круг.
Седумдесет илјади гласа помалку во однос на минатите избори, веројатно не верувате дека ова е само поради „црни кампањи“ на ВМРО-ДПМНЕ, за кои зборувавте пред некој ден на прес-конференција?
-Многу наши гласачи од Скопје не излегоа во првиот круг со што испратија сериозна порака кон СДСМ. Пораката на граѓаните е примена, СДСМ е партија која учи од своите грешки. Токму затоа во вториот круг продолжуваме со порака „Скопје се обединува и продолжува напред“. Продолжуваме со позитивна порака која обединува, наспроти ВМРО-ДПМНЕ кое продолжува со црна кампања која поттикнува поделби и разединува.
Целото интервју на „Локално“