Познатиот телевизиски новинар и историчар Горан Благоев, кој е кандидат за претседател на Бугарија од Националниот сојуз на десницата КОД учествува на меѓународната конференција организирана од Фондацијата „Белене”, посветена на уметноста како начин за одбрана на слободата за време на тоталитаризмот.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Благоев присуствуваше и на поклонението на островот Персин, познат по озлогласениот логор за политички затвореници во Бугарија од 1949 до 1989 година.
Тој смета дека местата поврзани со репресиите на комунистичкиот режим треба да бидат уште попопуларни меѓу бугарските граѓани и да станат уште попристапни, бидејќи Бугарија сè уште заостанува зад другите земји во источна и централна Европа.
Благоев, исто така, посвети посебно внимание на изложбата посветена на репресивните комунистички логори во земјите од поранешниот социјалистички блок, а особено на „Голи остров” во поранешна Југославија, каде што биле затворани, понижувани, малтретирани и убиени многу етнички Бугари и неистомисленици со политиката на Тито.