Едно лице загина, а три се повредени во бомбашки напад во бар во главниот град на Уганда, за кој одговорноста ја презеде милитантната група Исламска држава. Бомбата експлодирала во саботата вечерта во бар на периферијата на Кампала, при што загинала 20-годишна келнерка, а три лица се повредени, од кои две се во критична состојба, соопшти полицијата.
– Напаѓачите се маскирале како гости, нарачале храна и пијалоци, а потоа поставиле експлозивна направа во пластична кеса под масата, која експлодирала неколку минути откако заминале, изјави полицискиот портпарол Фред Енанг.
Милитантната група Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот, објавувајќи во неделното соопштение на каналот Телеграм дека нејзините членови активирале експлозивна направа во бар каде што се собирале „членови и шпиони на угандската крстоносна влада”.