Пандемијата на Ковид-19 ќе заврши „кога светот ќе одлучи да стави крај”, бидејќи „сите алатки” за борба против вирусот сега се достапни, рече во неделата шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус, повторувајќи ги своите повици за поправедна дистрибуција на вакцината.
– Земјите кои веќе вакцинирале 40 отсто од населението, вклучително и Г20, мора да ги препуштат своите количини во испораката на вакцини на меѓународниот систем Ковакс и Африканскиот фонд за набавка на вакцини (Aват) основан од Африканската унија, рече Тедрос.
Тој додаде дека производителите на вакцини мора да го споделат своето знаење, технологии и лиценци и да се откажат од правата на интелектуална сопственост.
Шефот на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во снимена видео порака, оцени дека „успехот на вакцините, развиени и пуштени на пазарот во рекордно време, е засенет од трагедијата на неправедната дистрибуција”.
– Сите нас не загрозува национализмот и акумулацијата на вакцини, истакна Гутереш.