Гласањето во првиот изборен круг на локалните избори 2021 на избирачкото место 0543 во Дебар, за избор на членови на Советот на општината и за избор на градоначалник на Дебар и на избирачкото место 2957/1 во Шуто Оризари, за членови на Совет на општината Шуто Оризари и за Совет на Град Скопје, ќе се повтори. Повтореното гласање ќе се одржи на 31 октомври 2021 година. Оваа одлука едногласно беше донесена на денешната 34-та седница на Државната изборна комисија (ДИК).
Претседателот на ДИК Александар Даштевски потсети дека Управниот суд усвои две тужби, за изборното место 0543 во Општина Дебар и во изборното место 2957/1 во Шуто Оризари. ДИК врз основа на овие тужби донесе две решенија за повторување на гласањето, со оглед дека вкупниот број на запишани избирачи на ова избирачко место влијае врз вкупните резултати во овие општини.
Членовите на ДИК едногласно го усвоија Предлог-заклучокот за дополнување на заклучокот за изјаснување на конечност на резултати од гласањето за избор на членови на Советот на општините и Советот на Град Скопје, градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје, одржани на 17 октомври 2021 година.
Претседателот на ДИК Александар Даштевски појасни дека по поднесените приговори на постапката за гласање, избрани се градоначалници во Кисела Вода – Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија” и во Пласница – Алија Јаоски од ДУИ. За гласањето за кандидати за членови на Совет, по поднесени приговорите на постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите се утврдува конечност на резултатите од гласањето во општините Лозово, Тетово, Штип, Кисела Вода и Пласница. Општинските изборни комисии треба да постапат согласно член 136, став 3 од Изборниот законик и веднаш да ги објават конечните резултати од гласањето одржано на 17 октомври 2021 година. Во рок од 24 часа од објавувањето да ја известат ДИК заради потребата конечните резултати од гласањето да се објават на веб-страницата на ДИК.
Членовите на ДИК едногласно го усвоија и Предлог-упатството за измените и дополнувањата на упатството за важечки и неважечки гласачки ливчиња.
На седницата беа разгледани и одобрени четири акредитации за набљудувачи на изборите, од Американската амбасада во Скопје за две лица и по едно лице од ОБСЕ/ОДИХР и од Здружението „Млади европски федералисти”.
На дневен ред на седницата е и случаен избор на претседател на членови за посебните избирачки одбори, кои ќе го спроведат гласањето на избирачите кое се во домашен карантин поради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација од здравствените работници.
Даштевски соопшти дека треба да се разгледа предлогот на службата за тоа дали е потребно избирање на материјалот и предложи седницата да остане отворена се до нејзино завршување.