„ Денес имаше пожар кај старите бараки на Основен Суд Скопје 1 и благодарение на брзата и навремена интервенција на противпожарната бригада, на нашите херои, се спречи ширење на пожарот и поголема материјална штета. Пожарот е целосно локализиран иако станува збор за високозапаливи материјали што придонесоа брзо да гори самиот објект. Во пожарот нема човечки жртви, ниту повредени, а очекуваме за брзо време пожарот да биде и целосно изгаснат. Голема благодарност до пожарникарите, каде координираното работење на Град Скопје и помошта од Комунална Хигена се покажува како ефикасно“, изјави градоначалникот Шилегов.
„За обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ можам да кажам дека навистина е жално што со нивната желба за собирање ситни политички поени, не водат првична грижа за луѓето, туку бараат моменти за политика без да се утврди дали можеби некој загинал. Ниту се изгорени важни документи, којшто сите претходно се дигитализирани, ниту па постои опасност на ова место да изникне зграда бидејќи ова земјиште е во сопственост на државата. Тој стил беше препознатлив во минатото, кога се палеа бараки за потоа да градат згради“, кажа Шилегов.
Инаку, на местото на пожарот, првото противпожарно возило стигна за шест минути од Карпош, а веднаш потоа и уште 5 противпожарни возила, со две цистерни од Комунална Хигена. Во гаснењето на пожарот учествуваа 20 пожарникари коишто пожарот го ставија под контрола. Нивната брза реакција не дозволи да има жртви или повредени, туку само материјална штета.