САД од 8 ноември ги отвораат своите воздушни граници за целосно вакцинирани странски посетители кои имаат примено една од седумте одобрени вакцини против Ковид-19 и кои ќе прикажат негативен тест за Ковид-19 направен три денови пред патувањето, соопшти синоќа американскиот Стејт департмент.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, во САД ќе можат да патуваат сите кои се вакцинирани со вакцини одобрени од Администрацијата за храна и лекови на САД и од СЗО – американските на Модерна, Фајзер, и Џонсон и Џонсон, како и британската Астра Зенека, индиската Ковишилд, и кинеските Синофарм и Синовак. Руската Спутник се уште не е одобрена, како од ФДА така и од СЗО.
-Политиката ќе овозможи рестарт на регуларните патувања за оние кои се целосно вакцинирани. Семејствата и пријателите ќе можат повторно да се сретнат, а туристите ќе можат да ги посетат нашите национални паркови и познати места. Политиката ќе го засили економското закрепнување на САД и со задоволство гледаме дека тоа започнува на 8 ноември, изјави портпаролот Нед Прајс.
Берзите во САД вчера изреагираа позитивно на новостите за отворање на САД за странски посетители, индексите на Нaсдак и, Доу Џонс порасна за 36.6 и 60.
Ќе има „ограничени исклучоци”, за невакцинирани патници кои патуваат од околу 50 земји со исклучително ниски стапки на вакцинација, а кои вклучуваат некои од најсиромашните нации во светот, многу од оние во Африка. Исклучоците од овие мерки за патување во САД се и децата под 18 годишна возраст. Сите невакцинирани, вклучително и децата, сепак ќе треба да направат негативен тест пред патувањето. Оние на кои им е одобрен исклучок мора да се согласат да се вакцинираат во САД ако имаат намера да останат повеќе од 60 дена.
Исклучоците ќе вклучуваат и „одредени учесници во клинички испитувања за вакцина против Ковид-19, оние со медицински контраиндикации за вакцините и оние кои треба да патуваат од итни или хуманитарни причини”, соопшти Белата куќа, јави Гласот на Америка.
-Новиот систем, исто така, вклучува засилени барања за тестирање, зајакнување на следењето контакти, како и носење заштитни маски”, рече висок претставник на Администрацијата.
-Ова се строги безбедносни протоколи според научните факти за да ја зголемат безбедноста на Американците овде дома и безбедноста на меѓународните авионски патувања” велат од Белата куќа.