„Куманово и на овие избори ќе одржи лекција по социјалдемократија, по прогресивност и секако по обединување и ќе даде пример за целата држава”, порача вечерва од Куманово претседателот на СДСМ Зоран Заев на средби со граѓани во населбата Гоце Делчев и Диво Насеље.
„Во овој четиригодишен период во Куманово е инвестирано над 120 милиони евра и на тој начин му се оддолживме на Куманово затоа што 11 години државата го игнорираше овој град. Сите оние проекти што ги реализиравме, реконструкција на регионалните и локалните патишта, Соколаната, Ургентниот центар, водоводите и канализациите, се тоа е еден траен белег за тоа колку централната власт води грижа за Куманово. И дефинитивно Куманово тоа го заслужува”, истакна Заев.
Претседателот Заев пред присутните се осврна на досега спроведените проекти во Куманово и побара поддршка за Оливер Илиевски за Куманово да биде во вистинските раце.
„Со нас знаете на што сте, со нас сте на чисто. Голема е разликата меѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ. Ние за четири години сите плати во просек ги покачивме за 6.000 денари, ВМРО-ДПМНЕ за шест години ги покачија само за 1.700 денари. Ги покачуваме пензиите постојано, а од следната година со новата методологија на усогласувањето, пензиите ќе растат меѓу 400 и 600 денари и тоа секој први јануари и секој први јули. Покажавме дека има пари за се во државата само треба да се работи одговорно и домаќински. Успеавме и во време на пандемија да расте просечната плата и да се намалува стапката на невработеност. Вие отсекогаш сте се бореле, ве повикувам да продолжите да се борите, обединете се да го сочувате социјалдемократскиот дух на Куманово, да ги сочувате единството и сплотеноста, Борбата продолжува, за вашето и наше Куманово, да се обединиме напред да гласаме за број 12 за вистинскиот социјалдемократ Оливер Илиевски”, повика Заев.