Суданскиот премиер Абдала Хамдок и неговата сопруга синоќа беа ослободени и тие пристигнаа во својот дом, во луксузното одморалиште во Картум, соопштија локалните власти.
Тие беа уапсени во понеделникот наутро кога армијата прогласи вонредна состојба и генералот Абдел-Фатах Бурхан ја презеде власта во земјата.
Воен претставник изјави дека куќата на Хамдок била под „силно обезбедување”, пренесоа британските медиуми.
Претходно вчера Бурхан изјави дека го уапсил премиерот поради неговата лична безбедност и најверојатно ќе го ослободи наскоро, но предупреди дека другите членови на соборената влада би можеле да се соочат со судење поради уличните протести што избија по пучот.
Доцна синоќа американскиот државен секретар Антони Блинкен разговараше со суданскиот премиер, поздравувајќи го неговото ослободување од притвор и повторно ги повика суданските вооружени сили да ги ослободат сите приведени лидери, соопшти Стејт департментот.
Западните земји вчера го критикуваа воениот удар и повикаа на ослободување на затворените министри и се заканија дека ќе ја прекинат хуманитарната помош доколку војската не се врати на договорот за поделба на власта со цивилната администрација.
Десетици илјади лица во понеделникот излегоа на улиците на Картум за да се спротивстават на воениот удар, а седум лица загинаа во судирите меѓу демонстрантите и безбедносните сили.