Инвестициите имаат значајна улога во заздравување на економијата и постигнувањето на повисоки стапки на раст. За таа цел со Планот за забрзан економски раст што го подготви Министерството за финансии, а вчера беше усвоен од Владата, се обезбедува координиран пристап на јавниот и на приватниот сектор како начин за проширување на опфатот на опциите за финансирање одржлив раст на економијата и поттикнување деловни иницијативи. Покрај предвидените инвестиции од 4 милијарди евра од јавниот сектор се проценува дека дополнително ќе бидат инвестирани 8 милијарди евра приватен капитал, а за тоа е воспоставен и начин за управување со целиот процес и широк дијапазон на инструменти, преку комбинација на традицонални и иновативни инструменти за финансирање.
Предложени инструменти преку кои ќе се обезбедува финансирањето на проектите се: механизмот за поголема ефикасност на капиталните расходи, развојната обврзница, проектните обврзници, зелените обврзници, јавно-приватните партнерства, управувањето со јавни средства, гарантната шема, Фондот за енергетска ефикасност, Фондот за локален и регионален развој, Фондот за истражување и развој, Фондот за поддршка на мали и средни претпријатија за нивен раст и развој, Стратешкиот зелен инвестициски фонд, Фондот за зголемување финансиски средства, Фондовите за ризичен капитал и групното финансирање (краундфандинг).
Развојните, проектните и зелените обврзници се инструменти со кои ќе се финансираат развојни проекти од национално значење, поспецифични развојни проекти од локално и регионално значење, како и еколошки проекти.
Покрај ова, ќе бидат понудени и обврзници индексирани за инфлацијата (inflation-indexed bonds) кои се еден вид долгорочни државни хартии од вредност издадени од Министерството за финансии, кои како финансиски инструменти индексирани со стапката на инфлација се со цел да ги заштитат инвеститорите од пад на куповната моќ на вложените средства.
Дел од инструментите веќе се разработени. Гарантата шема веќе е достапна преку Развојната банка на Северна Македонија и нуди 15 милиони евра гаранција на комерцијалните банки за кредити што ќе ги издаваат по бенефицирани услови на компаниите. Тие средства се обезбедени од Буџетот и стојат во Равојната банка, со потенцијал да поддржат кредити во износ од 150 милиони евра. Креирана е да биде одржлива и да обезбеди долгорочен пристап до финансии за микро, мали и средни компании во земјата.
Во Развојната банка ќе се формира и Фонд за енергетска ефикасност со почетен капитал од 5 милиони евра наменет за инвестиции во енергетска ефикасност и обновлива енергија во јавни згради, како и Фонд за истражување и развој со почетен капитал од 10 милиони евра кој ќе поддржува компании ориентирани кон извоз во истражувањето и развојот со цел да го поттикнат ивозот, технолошкиот развој и воведувањето нови производи.
Преку Хибриден инвестициски фонд кој ќе се спроведува преку ФИТР во фокусот ќе бидат стартапи и иновативни мали и средни претпријатија, а ќе биде достапен од следната година. Државата ќе учествува со 10 милиони евра, додека 17 милиони евра ќе бидат приватен капитал и меѓународни финансиски институции.
За големите компании преку ТИРЗ ќе биде воспоставен посебен Хибриден стратешки зелен инвестициски фонд за поддршка на инвестиции во големи претпријатија и инфраструктура во приоритетни сектори на Европскиот зелен договор.
Меѓу инструментите е и групното финансирање или краудфандинг што е практика на финансирање проекти со собирање мали суми пари од поголем број инвеститори кои бараат можности за инвестирање во компании за ран развој. Потенцијални корисници на оваа платформа се правни лица кои не се основани како акционерски друштва.
За реализација на Планот ќе се добие финансиска поддршка и техничка помош од меѓународни развојни партнери – Групацијата на Светска банка, односно Mеѓународната банка за обнова и развој, Меѓународната финансиска корпорација, Мултилатералната агенција за гарантирање на инвестициите, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, УНДП, УСАИД, Швајцарска агенција за развој и соработка и други.
Покрај зголемување на инвестиите една од целите на Планот е и постигнување фискална консолидација, односно намалување на јавниот долг на ниво под 60 проценти и буџетски дефицит од 2,2 проценти во 2026 година. Сите активности со Планот се насочени кон забрзување на стапките на раст на среден рок од 2,5 проценти колку што изнесуваат во изминатите 10 години на 5 проценти просечно годишно во наредните пет години.