Третина од најчестите летови во ЕУ може да се заменат со возење со воз кое трае помалку од шест часа, а забраната за такви летови ќе заштеди 3,5 милиони тони јаглероден диоксид, објави денеска „Гринпис“.
Организацијата за заштита на животната средина во објавената студија повикува на радикална промена во начинот на кој патуваме.
Фреквенцијата на авиосообраќајот треба да се намали за да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 Целзиусов степен, соопшти невладината организација, повикувајќи на подобрување и зајакнување на железничкиот транспорт.
Летовите пократки од 1.500 километри сочинуваат четвртина од емисиите на европскиот воздушен сектор, наведува „Гринпис“ во студија изработена од тинк-тенкот OBC Transeuropa.
Од 150 летови на кратки релации кои најчесто се користат во Европската унија (со исклучок на летовите до островите), 51 имаат железничка алтернатива (34 отсто), а патувањето со воз трае помалку од шест часа.
Трите линии кои најмногу се користат во Европската Унија се Париз-Тулуз, Париз-Ница и Атина-Солун.
Во студијата не е наведен процентот на патници кои летаат на овие линии.
Во извештајот се наведува дека 21 авио-линија веќе имаат железничка алтернатива пократка од четири часа, а меѓу нив се и меѓународните линии Амстердам-Париз, Амстердам-Франкфурт, Брисел-Франкфурт и Париз-Франкфурт.
Повеќе од четвртина (27 отсто) од тие 150 најфреквентни летови имаат алтернатива со директниот ноќен воз во 2021 година, стои во истражувањето.
„Се емитува 10 пати повеќе јаглероден диоксид кога летате од Париз до Амстердам, во споредба со патување со воз, а тоа патување трае помалку од 3 часа и 30 минути“, вели Сара Фајол, одговорна за транспортниот сектор во францускиот огранок на „Гринпис“.
„Намалувањето на фреквенцијата на воздушниот сообраќај е неизбежен начин за постигнување на целите од Парискиот климатски договор и укинувањето на пократките летови е првиот чекор во таа насока“, се вели во соопштението.
Одлуката на Франција да ги забрани домашните воздушни летови доколку постои алтернатива со воз пократка од 2 часа и 30 минути е премногу ограничена, вели „Гринпис“.