Севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-Ун, изгубил околу 20 килограми откако претходно тежел околу 140 килограми, но се чини дека нема никакви здравствени проблеми, објави јужнокорејската разузнавачка агенција.
Извештајот објавен од Националната разузнавачка служба за време на парламентарната седница зад затворени врати, ги отфрла гласините дека Пјонгјанг користел двојник на Ким за време на недамнешниот јавен настап, изјави за новинарите член на владејачката Демократска партија, пренесува „Јонхап“.
Според пратеникот, разузнавачите ја направиле проценката откако извршиле детална студија за здравствената состојба на севернокорејскиот лидер користејќи вештачка интелигенција и други научни методи.
Здравјето на Ким е честа тема на шпекулации поради политичките последици во случај тој да не може да ги извршува своите должности, бидејќи засега не се знае кој би можел да биде негов наследник.
Според извештајот, Ким оваа година спроведувал јавни активности 70 дена, што е за 45 проценти повеќе од истиот период минатата година, објави НИС.
Тој, исто така, ги отстрани портретите на неговиот татко и дедо, поранешните лидери Ким Џонг-ил и Ким Ил-сунг, од позадината на официјалните средби, што укажува на излез од сенката на неговите претходници.
Сестрата на лидерот, Ким Јо-Јонг, имала јавни активности 34 пати оваа година, двојно повеќе од минатата година, и ги следи односите на Пјонгјанг со Јужна Кореја и Соединетите држави.