Велика Британија во четвртокот го осуди француското запленување на британски рибарски брод во француските води, во контекст на спорот за правата за риболов по Брегзитот.
Француската министерка Аник Жирарден изјави дека бродот бил запленет при рутинска контрола во водите во близина на Л Авр во текот на ноќта и не му било дозволено да лови риба во француските територијални води. Уште еден британски брод добил усно предупредување.
Против неговиот капетан може да биде поднесена кривична пријава, а уловот му е одземен, соопшти француското министерство.
Англиската организација на риболовци смета дека пловилото можеби по грешка не фигурира на списокот на пловни објекти на кои им е дозволено да ловат.
Овој потег е знак на решителноста на Франција да не попушти во спорот со Британија доколку нема напредок во преговорите.
Париз се закани со санкции кои вклучуваат дополнителни царински проверки на британските стоки, зголемени тарифи, па дури и намалување на извозот на електрична енергија.
Британската влада оцени дека француската реакција е „разочарувачка и непропорционална“ и дека „не е она што се очекува од близок сојузник и партнер“.
Париз тврди дека Британија одбила на француските рибари да им ги даде сите дозволи за риболов во британските води на кои имаат право, додека Лондон тврди дека им издава дозволи на пловните објекти кои ги исполнуваат критериумите.
„Сега мораме да зборуваме со јазикот на силата, бидејќи се чини дека тоа е единственото нешто што оваа британска влада го разбира“, изјави францускиот државен секретар за европски прашања Клемент Бон.
Жирарден нагласи дека Франција не може да го прекине извозот на електрична енергија во Британија, но може да ги зголеми тарифите.
Бари Дис, шеф на британската Национална федерација на организации на рибари, изјави за Би-Би-Си дека Париз сака да го ескалира спорот како што се приближуваат француските претседателски избори.