Нема ленти за мерење дијабетес од тип 2, глукомери, нема иновативна терапија, а неопходни се сензори за детскиот дијабетес. Ова се предизвиците со кои се соочувааат дијабетичарите во земјава, а Сојузот на дијабетичари на Македонија бара континуирано да се следи дијабетесот за да не се предизвикаат несакани последици.
Во Прилеп синоќа се формираше новото здружение „Сина револуција“, кое ќе се грижи за решавањето на проблемите на лицата со дијабетес.
Димче Велев, претседател на Сојузот на дијабетичарите на Македонија вели дека штотуку се реши ситуацијата со инсулинот, но остануваат другите предизвици за 116 000 лица со дијабетес во земјава, од кои 45 000 се на инсулинаска терапија, а 600 се деца и млади до 18 години.
– Останува проблемот на немањето ленти на лицата со дијабетес од тип 2 и малиот број ленти кои им се делат на лицата со дијабетес од тип 1. Битното прашање за нас кои сме со дијабетес е квалитетното менаџирање со контролирањето на шеќерот преку континуирано мерење. Од државата бараме, иако еднаш успеавме, но таа се повлече, набавка на сензори за мерење гликемија. Има одредени планови на Министерството, но сакаме час поскоро да се распише тој тендер или повик за 600-те деца или млади до 18 години да обезбедат континуирано мерење на гликемиите за да може да бидат присутни во редовниот живот на училиште, смета Велев.
Сојузот има закажано средба со новиот министер за здравство и ќе бара решение за глукомерите. Неопходно е да се обнови и позитивната листа со иновативни терапија, зашто едно лице со дијабет терапијата го чини преку 50 евра.
– Час поскоро да се реши проблемот со глукомерите, зашто три месеци не ги добиваме. Дали преку јавна набавка или преку нашиот понуден некулкугодишен модел со референтна цена, односно секој да има право да си бира глукомер за да мериме и да има поквалитетен живот за лицата со дијабетес. Потребна е иновативна таблетарна терапија, која никако не е застаната на позитивната листа на Фондот за здравство. На листата во 15 години е интервенирано само еднаш, со еден лек кој нема врска со хроничните болести. Бараме што побрзо да се обнови листата зашто едно лице со дијабет терапијата го чини минимум 50 евра, изјави Велев.
Наташа Деспотовска Димитриевска, родител на дете со дијабетес тип 1 и претседателка на здружението „Баланс мк, асоцијација за детски дијабетес на Македонија“ инсистира на сензорите за мерење дијабетес кај децата, со што ќе се избегне постојано да се боцкааат за да им се проверува шеќерот. Тоа го има во соседните земји.
– Секаде во светот станаа нормална терапија во третирањето на дијабетесот. Ние континуирано пет години ги бараме. Сензорите се за континуирано и безболно, без боцкање на секои два часа, контролирање на шеќерот. Со сензорите само со читач може да ги дознаат параметрите. На тој начин на децата им обезбедуваме безбеден престој во градинка, во училиште, мирни ноќи за спиење. Сензорите секаде во соседните држави се ставени на позитивните листи, изјави Деспотовска Димитриевска, нагласувајќи дека пандемијата остави последици и го зголеми бројот.
Ако на годишно ниво сме бележеле 30 до 40 деца, по пандемијата биле дијагностицирани по 70 до 80 деца годишно со дијабетес тип 1.
Менде Цветкоски, претседател на новото здружение „Сина револуција“ Прилеп вели дека ќе се залагаат активно да се решаваат проблемите, а недостасуваат едукации и медицински лица.
– Состојбата во Прилеп е иста како во целата земја. Недостасуваат ленти, во моментов има инсулин во инсулинската аптека, но проблемите се и доста подлабоки. Ни недостасуваат едукација, медицински персонал. Лентите ги нема за тип 2, за тип 1 се за пола доза, апаратчиња нема за никого, изјави Цветкоски.
Претседателката на здружението на дијабетичарите од Битола Душанка Атанасовска информира дека од први март почна да работи првото и единствено на овие простори „он-лајн“ советувалиште.
– „Он-лајн“ советувалиштето е организирано од клиничката болница за Ендокринологија, за почеток советуваат д-р Катерина Адамова и д-р Тања Ѓорговски, а ќе имаме и психолог за психосоцијална поддршка и ќе може сите преку интернет да се поврзат и да побараат и да добијат совети. Ни се јавуваат од секаде од светот, вели Атанасовска.