Писмо до лидерите на Г20 за идните здравствени катастрофи

Дваесетте најбогати земји во светот мора да ги надминат разликите за итно да воспостават нови глобални механизми за справување со идни здравствени катастрофи, им порачаа група високи политичари и функционери на лидерите на Г20.

Лидерите ќе се сретнат во Рим овој викенд и треба да разговараат за начините за подготовка за следната пандемија откако кризата со Ковид-19 откри очигледни недостатоци во меѓународната соработка.

Сепак, дипломатите велат дека сè уште има големи поделби околу тоа како најдобро да се спречи и запре ширењето на потенцијално катастрофалните заразни болести во иднина.

Група истакнати личности кои ја советуваат Г20 или имаат високи улоги во Светската здравствена организација (СЗО), им порачаа на лидерите во писмото да не ја избегнуваат својата одговорност.

– Следната пандемија може да дојде во секој момент, а ние не сме подготвени. Може дури и да „погоди” додека светот сè уште се бори со Ковид-19, се наведува во документот, во кој увид имале некои светски агенции.

Писмото е потпишано од генералниот директор на Светската трговска организација (СТО), Нгози Оконџо-Ивеала, поранешниот министер за финансии на САД, Лери Самерс и сингапурскиот министер Тарман Шанмугаратнам – копретседател на панелот Г20 кој ја разгледува подготвеноста за пандемија.

Писмото го потпишаа и поранешниот британски премиер Гордон Браун и поранешниот италијански премиер Марио Монти, и двајцата имаат улоги во СЗО.

Петте потписници наведуваат дека Г20 треба да создаде постојан комитет кој ќе ги собере министрите за здравство и финансии со задача да ги најде потребните средства за подготовка и, како што се надеваат, избегнување идни пандемии. Тие посочија дека се потребни пари за зајакнување на надзорот на ризиците од болести и создавање мрежа за забрзување на дистрибуцијата на вакцини и резерви за да се избегнат огромните нееднаквости во пристапот што ги откри Ковид-19.

Треба да знаете
Последни објави