Адвокатите загрижени: Aсанж може да се самоубие ако биде екстрадиран во САД

Одбраната на Џулијан Асанж предупреди на ризик од самоубиство на основачот на „Викиликс“ доколку биде екстрадиран во САД и покрај уверувањата на Вашингтон дека нема да биде задржан во строги затворски услови.

На 50-годишниот Австралиец му се закануваат 175 години затвор во САД, каде што се гони поради објавување стотици илјади доверливи документи.

На вториот ден од разгледувањето на жалбата на САД пред Високиот суд во Лондон неговите адвокати истакнаа дека новите аргументи на никаков начин не ја оправдуваат промената на првостепената одлука во однос на неговата екстрадиција.

САД, обидувајќи се да ги разубедат лондонските судии, во средата го оспорија тврдењето за можно самоубиство на Асанж.

Се истакнува дека тој нема да биде затворен во озлогласениот затвор „АДХ Флоренс“ во Колорадо познат како „Алкатраз на карпите“, каде што членови на Ал каеда се притворени во речиси целосна изолација.

САД се надеваат дека ќе ја поништат одлуката на судијката Ванеса Барајтсер да одбие екстрадиција поради високиот ризик од самоубиство и можноста за влошување на менталната состојба на Асанж во американскиот правосуден систем.

Барајтсер во образложението на својата одлука потсети дека САД не биле во можност да го спречат самоубиството на американскиот финансиер Џефри Епштајн.

„Овие заклучоци првенствено произлегуваат од природата на менталната вознемиреност на Асанж и неговиот страв од екстрадиција со оглед на специфичноста на неговиот случај“, рече адвокатот на основачот на „Викиликс“, Едвард Фицџералд.

„Нема индикации дека овие фактори ќе се променат поради американските уверувања“, додава тој.

Треба да знаете
Последни објави