Најголемиот трговски центар во земјава „East Gate Mall” ќе биде отворен денеска. Нуди широк избор на уникатни 220 локални и интернационални брендови, а располага и со модерни кафетерии, посебен оддел за брза храна со капацитет за 800 посетители, хипер маркет, салони за бела техника и мебел и кино сали.
Обезбеден е паркинг простор за околу 2000 возила, а е единствениот мол во земјава кој е опкружен и со зелени паркови.
Трговскиот центар се наоѓа на местото на поранешниот Скопски саем и е на само пет минути од центарот на Скопје.
Очекувањата се дека трговскиот центар ќе има околу 12 милиони посетители годишно, а закупците ќе остварат нето промет од 120 милиони евра. Предвидено е да се отворат повеќе од 2500 вработувања пред се во секторот трговија, но и во услужните дејности и оние кои се компатибилни со трговијата.
„Fashion Group”, која е дел од 200-те брендови кои ќе бидат застапени во трговскиот центар, по повод отворањето најавува богата програма со изненадувања за посетителите.
– Fashion Group со точна утврдена агенда и протоколи, има изненадувања за секој посетител, почнувајќи од 10 часот за децата во OKAIDI во присуство на Црвениот Крст на Град Скопје и нивните штитеници, 10:30 часот во PARFOIS, брендот SPRINGFILED од 11:00, TIMBERLAND 11:30 часот, со музичка забава Fashion & Friends точно напладне од 12 часот, Mango 12:30 часот и Dan JOHN 13:30 часот, информираат од оваа групација.
И останатите брендови по повод отворањето на нивните продажни места во трговскиот центар најавуваат низа попусти и забавни содржини за постителите.
Трговскиот центар е дел од мултифункционалниот проект „Skopje East Gate” кој предвидува и изградба на резиденцијален комплекс и канцелариски парк со вкупна бруто изградена површина од над 500.000 м2.
„Skopje East Gate” е дел од приватната инвестициска групација „Балфин” која од основањето во 1993 година е активна на полето на недвижности, малопродажба, минерална индустрија, туризам, земјоделство, енергетика, услуги и инвестиции. Вкупната инвестиција се проценува на околу 103 милиони евра, а за изградба на трговскиот центар лани беше потпишан договор за синдициран заем во вредност од 72 милиони евра со домашни и странски банки. Ова е втор проект на оваа групација по изградбата на Скопје сити мол кој во 2015 година го продаде на британската компанија Hystead Limited.