Полувреме за Пандев во ремито на Џенова, хет-трик на Влаховиќ

Горан Пандев го одигра само првото полувреме и беше заменет во Џенова на дуелот против Венеција што заврши без голови во 11-то коло во Серија А.

Поранешниот капитен на македонската репрезентација беше заменет на почетокот на второто полувреме, но и тоа не и помогна на Џенова да победи.

Ова е осми меч по ред за најстариот клуб во Италија без победа во Серија А со што останаа блиску до опасната зона за испаѓање на 17-то место со 8 бода.

Венеција е веднаш пред Џенова со 9 бода, а и двете екипи ќе бијат тешка битка за опстанок.

Попладнево блескаше Душан Влаховиќ стрелецот на три гола за Фиорентина во победата од 3:0 против Специја. Со хет-трикот денеска српскиот репрезентативец се проби на второто место на листата со најдобри стрелци во Калчото со 8 гола.

Откако во претходната сезона постигна 21 лигашки гол, со овие осум гола ги собори рекордите на двајца легендарни фудбалери. Душан Влаховиќ во една календарска година постигна 25 првенствени гола, еден повеќе од Лука Тони и два повеќе од Габриел Омар Батистута, фудбалер кој има култен статус во Фиренца.

Емполи со пресврт го изненади Сасуоло и победи како гостин со 2:1, а претходно Интер го победи Удинезе со 2:0.

Треба да знаете
Последни објави