Светот е на „една минута до полноќ”, откако истече времето, чекајќи да се бориме против климатските промени, изјави за Би-Би-Си британскиот премиер Борис Џонсон.
Додека светските лидери пристигнуваат на значајната конференција за климатски промени COP26 во Глазгов, Џонсон потенцира дека шефовите на влади или држави треба да преминат од „стремеж кон акција” кога е во прашање забавувањето на глобалното затоплување.
Тој додаде дека Самитот е „критичен” момент и потенцираше дека амбициозниот исход е сè уште „лебди во воздух”.
Велика Британија е домаќин на самитот во услови на зголемена загриженост меѓу научниците дека земјите не прават доволно за да ги ограничат емисиите на стакленички гасови, кои предизвикаа зголемување на просечните глобални температури.
Конференцијата за климата во Париз во 2015 година побара просечните температури да се зголемат најмногу до 2 Целзиусови степени, а по можност само 1,5 Целзиусови степени, во споредба со просеците од прединдустрискиот период.
Светските лидери почнаа да пристигнуваат во Глазгов – кој официјално стана територија на Обединетите нации – пред отворањето на Самитот на пладне. Подоцна, тие ќе дадат изјави во кои ќе објаснат што прават нивните земји за борба против климатските промени.
Како територија на ОН, во местото ќе го патролираат вооружени офицери на ОН, а на полицијата во Шкотска ќе и биде дозволен влез само ако бидат поканети од генералниот секретар на ОН – или ако веруваат дека постои закана по животот.
На собирот присуствуваат околу 120 лидери – американскиот претседател Џо Бајден со илјада делегати, германската канцеларка во заминување Ангела Меркел, индискиот премиер Нарендра Моди, јапонскиот премиер Фумио Кишида, меѓу другите. Во Шкотска присуствува и македонскиот претседател Стево Пендаровски.
На состанокот нема да присуствуваат рускиот претседател Владимир Путин, кој на собирот ќе се обрати само со снимена порака, Си Џинпинг, претседател на Кина, најголемиот светски емитер на штетни гасови, или Жаир Болсонаро, претседател на Бразил, домот на Амазонија – „ белите дробови на Земјата” кој не верува во климатските промени.
Доаѓаат и поранешниот американски претседател Барак Обама, познатата шведска тинејџерска активистка Грета Тунберг, британскиот натуралист и телевизиски автор Дејвид Атенборо и генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш.
Во Глазгов требаше да пристигне и папата Франциск, но поради здравствената состојба тој ќе отсуствува, како и британската кралица Елизабета – која ќе ја претставуваат нејзиниот син и внук, принцовите Чарлс и Вилијам.
На собирот се очекуваат 25.000 делегати, поради што дел од британските медиуми го оценија за најголема дипломатска средба во британската историја и најголем настан во Обединетото Кралство по Олимпијадата во Лондон 2012 година.
Поради голем интерес, процесот за акредитација на новинарите беше затворен неколку недели пред првично утврдениот рок.
Денеска, делегатите и посетителите на влезот на COP26 беа пречекани од голема гужва. Сите што пристигнуваат мора да бидат тестирани пред патувањето со ПЦР тест, и покрај две дози од вакцината, а во Шкотска мораа да се тестираат со брз тест секој ден пред да пристигнат на COP26.
Огромен број од десетици илјади демонстранти ќе се соберат на улиците на Глазгов. Протестната група Extinction Rebellion најави дека сака да предизвика нарушувања, а еколошката организација Гринпис соопшти дека ќе влезе во градското пристаниште на реката Клајд со својот брод „Rainbow Warrior”, иако бродовите се забранети за време на конференцијата. За активистите да не да бидат успешни во својот план ќе се погрижат 10.000 полицајци кои пристигнаа во Шкотска од цела Велика Британија, што ќе чини околу 250 милиони фунти, пишува Би-Би-Си.
Толку многу луѓе во Глазгов, град со околу 600.000 жители, резултираа со експлозија од зголемени цени за сместување, ако воопшто може да се најде. Градските власти проценуваат дека градот има капацитет од 15.000 соби.
Затоа, голем број учесници, оние кои, на пример, не сакаа да престојуваат за речиси 100 евра дневно во комбе понудено во Airbnb во Глазгов, се сместуваат во блиските места и на еден час оддалеченост од Самитот, посебно во Единбург.
За да се прошират капацитетите, два крстосувачи пристигнаа во Глазгов, а беше лансирана и мрежа каде жителите на Глазгов ги отворија своите домови за посетителите, особено за активистите кои не можеа да си дозволат поскапо сместување. Би-Би-Си проценува дека над 3.000 луѓе не нашле сместување, голем дел од нив од посиромашните држави.
Британскиот Канал 4 ја емитуваше приказната за брачниот кревет во Глазгов кој бил изнајмен на двајца делегати од Јамајка и Кајманските Острови кои (се уште) не се познаваат.
Дополнителен хаос во Глазгов речиси беше создаден од работниците во железницата на ScotRail кои се заканија со штрајк, наменет за COP, но успеаја да се договорат за раст на платите со градските власти во последен момент.
Градските работници за чистење не успеаја да постигнат договор, па од синоќа на полноќ престанаа да ги чистат улиците и да го изнесуваат ѓубрето.