Претседателот Стево Пендаровски, како што информираат за МИА од неговиот кабинет, официјално не е информиран за оставката на премиерот Зоран Заев, што повлекува оставка на цела Влада. Оттаму посочуваат дека кога ќе биде информиран за евентуално поднесена оставка, претседателот, во рамките на уставниот рок од десет дена по извршени консултации ќе го додели мандатот за состав на Влада на партијата или партиите кои што имаат мнозинство во Собранието.
-Претседателот на Република Северна Македонија, официјално не е информиран од претседателот на Собранието дека претседателот на Владата поднел оставка, што повлекува оставка на цела Влада. Кога ќе биде информиран за евентуално поднесена оставка, претседателот, во рамките на уставниот рок од десет дена по извршени консултации ќе го додели мандатот за состав на Влада на партијата или партиите кои што имаат мнозинство во Собранието. Притоа претседателот како и досега во своите постапки ќе се води согласно установеното толкување на уставната норма во праксата во изминатите 3 децении, информираат од кабинетот на Пендаровски.
Според член 219 од Деловникот на Собранието, „Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката”.
Во член 220 понатаму се вели дека „Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата”.
Од Собранието информираа дека досега до нив не е стигната оставката од премиерот Зоран Заев. На денешната координатива средба кај Џафери воопшто не станало збор за следните чекори што би следувале по синоќешната изјава на Заев дека поднесува оставка од премиерската функција.
Премиерот Зоран Заев и претседател на владејачката СДСМ вчера по поразот што го претрпе партијата на локалните избори на завршната прес-конференција по затворањето на гласачките места изјави дека поднесува оставка од двете функции.
– Ја преземам одговорноста за лошите резултати од овие избори, истакна Заев, честитајќи им на политичките опоненти на изборната победа.
Заев прес-конференцијата во седиштето на партијата не најави што понатаму, кој би го презел кормилото во партијата, ниту пак кој би ја презел челната позиција во Владата.
Тој сепак, нагласи дека останува на ставот дека не треба да има предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што рече, претстојат две и пол одлични и неповторливи години за државата од кои корист ќе има целиот народ и држава.
– Ќе останам периодов додека треба, за да помогнам, да се реорганизира нова влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено, рече Заев.