Алек Болдвин и понатаму инсистира на тоа дека не е виновен за смртта на снимателката Халина Хачинс.
63-годишниот актер поднесе барање за арбитража тврдејќи дека неговиот договор го штити од финансиска одговорност за смртта на камерманката, која беше застрелана среде снимање на нискобуџетен вестерн во Ново Мексико минатиот октомври. Во документите тој потенцира дека настаните што доведоа до трагедијата немаат никаква врска со него.
Во судските документи до кои дојде „Ентертејнмент тунајт“ стои: „Ова е редок случај кога системот паѓа и некој треба да биде прогласен за правно виновен за трагичните последици. Тоа лице не е Алек Болдвин“.
Семејството на загинатата Хачинс неодамна поднесе тужба против Болдвин другите продуценти на Rust, тврдејќи дека одговорните не се придржувале кон правилата за безбедност при снимање. Но, Болдвин негира дека бил невнимателен на сетот, откако претходно негираше дека го повлекол орозот на пиштолот. Тој вината ја префли на оружарката Хана Гутиерез-Рид и помошникот режисер Дејв Холс кој му кажал дека оружјето нема вистински куршуми, а го спомна и Сет Кени, кој ја набавил муницијата за филмот.
„Во овој момент, две работи се јасни: Некој е виновен што донел жива муниција што доведе до оваа ужасна трагедија, а тоа е некој друг, а не Болдвин,“ се наведува во барањето за арбитража.
„Балдвин е актер. Тој не тврдел дека пиштолот е „ладен“ кога всушност содржел жив куршум; тој не го наполнил пиштолот; тој не ги проверувал куршумите во пиштолот; тој не ги купил куршумите; тој не ги направил куршумите и не тврдел дека се безопасни; тој не бил задолжен за безбедноста на огненото оружје на сетот; тој не ги ангажирал луѓето што ги снабдувале куршумите или го проверувале пиштолот; и немал никаква улога во управувањето со реквизитите на филмот.
„Секоја од тие работи ја вршеше некој друг.“