Откако ланското издание на големиот „Get EXITed” настан во Струмица ги надмина сите очекувања, собирајќи повеќе од 20.000 посетители, тимот на ЕГЗИТ (Exit) во соработка со општината Струмица организира второ издание, со уште поамбициозни планови! Новиот „Get EXITed” настан ќе биде одржан на 7 септември во струмичкиот Голем парк, каде што премиерно ќе настапи ненадминливата Констракта, најбараното музичко име во нашиот регион. Наскоро ќе бидат познати и останатите интернационални и регионални музички ѕвезди, кои во Струмица повторно ќе донесат гости од целиот регион, годинава во уште поголем број.
Прес-конференцијата на која беше потврдено одржувањето на второто издание на големиот „Get EXITed” настан во Струмица, се одржа денеска во Градската куќа во Нови Сад, а присуствуваа музичарката Ана Ѓуриќ Констракта, првиот човек на Општина Струмица Костадин Костадинов, градоначалникот на Нови Сад Милан Ѓуриќ и основачот и директор на Егзитовата фестивалска групација Душан Ковачевиќ.
Основачот и директор на Егзитовата фестивалска групација Душан Ковачевиќ нагласи дека ЕГЗИТ минатата година организирал дури 26 настани во 10 земји.
„По Дубаи, Истанбул, Амстердам и градовите во регионов, драго ни е дека се враќаме во Струмица и Северна Македонија. Минатогодишниот ‘Get EXITed’ навистина ги надмина сите очекувања, за време на одржувањето немаше слободно сместување во пошироката околина на Струмица, а туристи доаѓаа од целиот регион. Планираме новиот настан да го издигнеме на уште повисоко ниво”, кажа Ковачевиќ.
Градоначалникот на општина Струмица Костадин Костадинов истакна дека за него и за струмичани е задоволство да бидат домаќини на големиот настан на кој ќе настапат музичките ѕвезди.
„Како прв човек на општина Струмица, оттука, од Нови Сад, сакам да истакнам дека и оваа година ќе се потрудиме за настанот ‘GetEXITed’ да се чуе надалеку и повторно да биде грандиозен. Инспирирани од културната размена и реализацијата на првото ‘GetEXITed’ издание, се договоривме да го започнеме процесот на збратимување на градовите Нови Сад и Струмица”, порача Костадинов.
Музичарката Ана Ѓуриќ Констракта, која штотуку ја претстави новата песна „Еве, ветувам“, изјави дека е среќна ако и таа, со помош на Егзит, може да придонесе за културното поврзување.
„Мислам дека тоа по себе е веќе остварување, а секако се радуваме и на македонската публика која е строга, не може кај нив сѐ да пројде и треба да се потрудиме за да ги придобиеме”, изјави Констракта.
Градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ изјави дека Нови Сад е препознатлив во регионот и пошироко како извозник на креативните индустрии и расадник на фестивалско-музичкиот туризам.
„Горд сум на фактот што ЕГЗИТ изникна токму од нашиот град пред повеќе од две децении, а заедничка желба ни е тој да продолжи да се развива. На организаторите на фестивалот им посакувам уште многу успеси и квалитетни проекти, а на Констракта, како и на другите изведувачи, на 7 септември да ги надминат очекувањата и да остварат уште повеќе од минатогодишните 20.000 посетители”, рече Ѓуриќ.
Наскоро ќе бидат објавени останатите светски и регионални ѕвезди кои на 7 септември ќе настапат во струмичкиот Голем парк, а влезот на големиот „Get EXITed” настан ќе биде бесплатен.