Молдавија е единствената на патот на намерата на Русија да ја уништи европската стабилност

Министерката за внатрешни работи на Молдавија, Ана Ревенко денеска во Брисел изјави дека земјата „е единствената што стои на патот на намерата на Русија да ја уништи европската стабилност“.

Ситуацијата во Молдавија е „крајно нестабилна“, изјави Ревенко, во време на зголемен страв дека Русија го охрабрува соборувањето на проевропската влада на Молдавија, пренесува порталот Политико.

– Гледаме како Москва, групите од интерес и олигарсите во егзил ги здружуваат сите свои напори и ресурси за да ја зголемат дестабилизацијата во Молдавија и да го променат демократскиот курс во Кишињев, рече Ревенко на заедничка прес-конференција со европската комесарка за внатрешни работи Илва Јохансон.

На прашањето дали Молдавија може да стане следната Украина, Ревенко рече дека „демократијата и мирот во Европа“ се следните цели на Русија и ја повика ЕУ да продолжи да ја поддржува поранешната советска република.

– Молдавија е единствената на патот на намерата на Русија да ја наруши (европската) стабилност. Можеме да ја зачуваме и заштитиме само ако сме обединети, рече молдавската министерка.

Во јуни 2022 година, Молдавија заедно со Украина доби статус на кандидат за членство во ЕУ, но од почетокот на војната во Украина се соочува со зголемен притисок од Москва.

Еврокомесарката Јохансон рече дека Молдавија има клучна улога во зачувувањето на европската внатрешна безбедност и оти рускиот претседател Владимир Путин нема да застане на инвазијата врз Украина.

– Не смееме да бидеме наивни. Путин исто така би сакал да ја уништи, дестабилизира, подели ЕУ и Молдавија, рече Јохансон на прес-конференцијата и додаде дека затоа е важна соработката во областа на безбедноста.

– Нема да дозволиме Путин да победи“, нагласи Јохансон.

Треба да знаете
Последни објави