Веб-страницата за споделување видеа „Тик-ток“ и стриминг-гигантот „Нетфликс“ ги ограничија или ги укинаа своите услуги во Русија по инвазијата на Украина.
„Тик-ток“ соопшти дека го укинува стримингот во живо и новите содржини од својата платформа во услови на нови строги закони за сузбивање лажни вести за руските вооружени сили.
„Нетфликс“ претходно соопшти дека се повлекува во знак на протест поради инвазијата. Visa, Mastercard и PwC, исто така, се приклучија на листата на западни фирми кои ги прекинуваат врските.
„Тикток“, кој има околу 36 милиони корисници во Русија, соопшти дека ваквиот потег има за цел да ја осигура безбедноста на својот персонал и корисниците.
Од петокот, секој што пишува или објавува вести за војската, а за кои се смета дека се лажни, може да се соочи со затворска казна до 15 години. Меѓу другото, Кремљ се противи конфликтот да се нарекува војна, наместо „специјална воена операција“.
Би-би-си и другите новински куќи веќе престанаа да известуваат во Русија, со објаснување дека повеќе не можат да бидат независни.
Во низа твитови, „Тик-ток“ пишува: „Со оглед на новиот закон за ‘лажни вести’ во Русија, немаме друг избор освен да го прекинеме стримингот во живо и новите содржини на нашата платформа додека ги разгледуваме безбедносните импликации на овој закон.“