Стојанов се закани- Пендаровски ќе одговара за неонацизам

Претседателот на Фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов му се закани на Стево Пендаровски по вчерашните изјави на претседателот, дека Софија треба да се извини за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка.
Стојанов преку неговиот профил на Фејсбук се закани дека претседателот Пендаровски ќе одговара за неонацизам.

– Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски ја оправдува нацистичка Германија за смртта на 11.000 Евреи, обвинувајќи го Кралството Бугарија. Нема место за нацисти во Европската унија. А Пендаровски ќе одговара посебно за својот неонацизам, напиша Стојанов.

Бугарскиот европратеник Џамбаски, познат по своите територијални претензии и ширење говор на омраза кон македонскиот народ, на социјалните мрежи пишува дека Пендаровски со барањето демонстрирал скандалозна антибугарска дрскост, а Бугарите се единствениот народ во Европа кој му се спротивставил на диктаторот, Адолф Хитлер.

Вели дека бугарското МНР треба да одговори и да побара итно извинување од Пендаровски.

„Пендаровски уште еднаш излажа дека властите во Софија имаат врска со депортацијата на Евреите од териториите на денешна Северна Македонија. Докажан историски факт е дека се работи за целосна и крајна лага. Истовремено, Пендаровски кажа уште една лага, прогласувајќи ја власта во Софија за профашистичка. Докажан историски факт – во Кралството Бугарија никогаш на власт не бил ниту профашистички ниту националсоцијалистички режим“, пишува Џамбаски.

Џамбаски дури вели дека властите во Скопје се обидуваат да ја негираат, како што пишува, неоспорната историска заслуга на бугарската нација, која му се спротивставила на Хитлер и ги спасила своите Евреи.

Треба да знаете
Последни објави