Тренерот на македонскиот ракометен тим Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ побара максимално залагање од неговите избраници на секој натпревар, почнувајќи од утрешниот со Нексе во регионалната СЕХА – лига.
– Нè чека тежок натпревар со една одлична екипа, која преферира динамична игра. Од овој натпревар па на секој нареден ќе играме на победа. Она што го видовме во овој краток период ни дава до знаење дека имаме добри индивидуалци, кои треба да ги вклопиме во добар тим. За тоа треба и малку време. Од играчите барам лавовска бобреност и да го спроведат тоа што го тренираме овие пет дена. Битола е најракометен град и мислам дека во вторник ќе се покажеме во поинакво светло, со многу борбеност со подобар ангажман и од страна на играчите, и од страна на клупата.
Гоце Ојлески верува дека новиот стручен штаб ќе донесе позитивни промени во играта.
– Знаеме дека Нексе е квалитетен противник и квалитетна екипа. Секоја година цели високо и не треба да трошиме зборови за нив. Не сме комплетни, но со нов стручен штаб и со нова енергија ќе се обидеме да дадеме максимум и ќе се обидеме да издвојуваме позитивен резултат.
Натпреварот Еурофарм Пелистер – Нексе од 4. коло во регионалната СЕХА-лига ќе се игра утре од 18 часот во Битола.