Иднината им припаѓа на стартапите, вака директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров денеска ја најави проектираната финансиска поддршка за 2022 година, но се осврна и на реализираните повици и средства во 2021-ва.
Она што е сега историска поддршка, рече Петров на прес-конференција, следната година ќе биде практика на Фондот за иновации.
– Во 2022 година, преку повикот Стартпувај 4 ќе поддржиме македонски стартапи со три милиони евра, а со седум милиони евра ќе им помогнеме на македонските стартапи да ги комерцијализираат своите иновации. Фондот почнува и со поструктуирано инвестирање во нови категории на стартапи. Со пола милион евра ќе поддржиме дип тек стартапи. Со пола милион евра, прв пат ќе инвестираме и во бизнис импакт стартапи, додека со еден милион евра ќе инвестираме и во комерцијализација на земјоделските технологии. Во 2022 година подготвуваме и нов повик за акцелератори со фокус на инвестициската подготвеност на македонските стартапи. Првпат ќе инвестираме и во стартап хабови, а земајќи ги предвид нашите два повици за дигитален АИ асистен и дигитализација на картотеките на инситутот за македонски јазик, со 750.000 евра ги вклучуваме македонските стартапи и во дигитализацијата на јавните установи, истакна директорот.
Според него, најголемата поддршка за македонските стартапи во 2022 година ќе дојде преку Хибридниот инвестициски фонд од 27 милиони евра во кој државата ќе инвестира 10 милиони евра. Инвестицискиот фонд ќе биде менаџиран од интернационален фанд менаџер согласно ЕУ регулативата и ќе инвестира од 100.000 до 1,5 милиони евра во македонски стартапи.
– Во фондот за иновации 2021 година беше година на стартапи, година кога прв пат во нашата држава се формираше Национален стартап совет кој изготви пакет мерки за трансформација на македонскиот стартап екосистем. Ова беше година и на поголема вклученост на корпоративниот сектор во стартап екосистемот преку нашата Програма за корпоративна иновативност. Оваа година првпат седнавме и со водечките банки во нашата држава и креиравме специјални кредитни пакети за македонските иноватори. Фондот првпат го организираше и Националниот стартап самит, почна со подготовка на Националната стратегија за вештачка интелигенција, креираше нова менторска програма, а преку новата соработка со Амазон Веб Сервисес на македонските стартапи им нудиме кредити за користење на оваа платформа од 10.000, 25.000 и 100.000 американски долари. Заедно со УНДП и со Амбасадата на Обединестото Кралство годинава го отворивме и првиот Фјутур Скилс Центар во државата, потсети Петров.
Тој оцени дека ова е и година на рекордни финансиски инвестиции во македонските стартапи.
– Со новата бројка од 70 стартапи поддржани преку инструментот СТАРТАПУВАЈ, бројката на поддржани стартапи во целокупното портфолио на ФИТР достигна 393 компании со заеднички инвестиции од дури 32 милиони евра. Според анализите кои ги направивме, кај стартапите во период од една година пред користење на финансиите, до 2 години по нивното искористување, просечните приходи имаат раст од 197 отсто. Во истата временска рамка просечните расходи се имаат зголемено за 220 проценти. Вкупниот инвестициски циклус на овој повик изнесува три милиони евра, во кои ФИТР учествува со 2,6 милиони, а стартапите со 385 илјади сопствено учество. Горд сум што бројките покажуваат дека ова е најголемата финансиска поддршка за стартапи во историјата на ФИТР, рече Петров и додаде дека поради големиот број квалитетни проекти, Комитетот за одобрување инвестиции побарал, првично предвидениот буџет од два милиона евра, да се зголеми со дополнителни 630 илјади евра.
Директорот се осврна и на поддршката преку инструментот „Стартапувај” која, како што потенцира, во трите циклуси бележи неверојатен раст.
– Ако на првиот повик кофинансиравме со околу 1,2 милиони евра, денес зборуваме за поддршка која изнесува повеќе од двојно. Особено радува фактот што 90 отсто отсто од поддржаните компании се нови корисници, додека само седум компании се поддржани втор пат. За да им излеземе во пресрет на стартапите, воведовме новина – можност да аплицира и проектен тим кој се состои од најмногу пет физички лица. На овој повик, 44 отсто од кофинансираните се токму проектни тимови и 39 трговски друштва, кои ќе добијат поддршка за реализација на своите бизнис идеи. Проектните тимови пред да започнат со проектот имаат обврска да регистрираат трговско друштво. Овие тимови ќе прераснат во 31 новооснована компанија, напомена директорот.
Во однос на староста на трговските друштва, дури 85 отсто од поддржаните компании, рече, се стартапи кои постојат до три години.
– Со поддршката што ја даваме преку овој инструмент, учеството на поддржани стартапи во нашето портфолио достигна до 56 отсто. Овој пат доминираат четири нови сектори: машинство, креативни индустрии земјоделство, технолошки индустрии. Но, поддржаните компании не се само бројка. Тие се и патоказ за новата македонска иновативна компанија. Преку овој повик поддржуваме иновативни проекти од Фарматек/Здравство – иновативен софтер за фармацевтските компании, концепт за анализа на генетски податоци, прва бионичка рака во државата, како и иновативни проекти од Агротехнологијата – софтвери за следење и автоматизација на земјоделски производи во затворен простор, прецизно земјоделство и дронови. Со оглед дека работиме на првата Национална стратегија за вештачка интелигенција, особено ме радуваат новите проекти, токму од оваа област. Станува збор за проекти за поддршка за анализа на неструктуирани текстови од локални јазици, софтвер со вештачка интелигенција за стоматолошката индустрија, софтвери за примена на вештачката интелигенција во земјоделството, подвлече Петров на прес-конференцијата.
Одговорајќи на новинарски прашања, тој информира дека стартапти до три години искористиле до 85 отсто од кофинансирањето или максимум 40.000 евра.