Било какво учество на политичката партија Алтернатива во една ваква влада претставува погрешен чекор, но тоа останува на раководството и лидерот на таа партија, изјави лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христија Ницкоски денеска во Битола.
На прес – конференција Мицкоски посочи дека не сака да се меша во работењето на другите политички партии бидејќи тоа е политички некултурно.
– Не сум во тек со содржината од разговорот меѓу Заев и Гаши. Нашиот став е јасен, оваа влада е најкорумпираната влада во изминатите 30 години и ја закова Македонија на дното според перцепцијата за криминал, односно е на врвот според степенот за криминал и корупција. Нашата држава е 111 и е најкорумпирана во Европа. Ние сме држава која има нејнеконкуренто образование поради катастрофалните реформи, состојбата во здравството е ужасна и како држава ние сме во првите три според бројот на лица што го загубиле својот живот заради неспособност на владата да се справи со ковид пандемијата. Катастрофата во енергетскиот сектор од 1-ви ќе ја почувствуваме и на сопствениот џеб, или да заклучам, било какво учество на политичката партија Алтернатива во една ваква влада претставува погрешен чекор, но тоа останува на раководството и лидерот на таа партија, и јас не сакам да се мешам во работењето на другите политички партии бидејќи тоа е политички некултурно, изјави Мицкоски.
Тој потенцира дека доколку Република Бугарија повторно стави вето за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, нема да се влоши безбедносната состојба во државата.
– Слушнав од еден актуелен вицепремиер дека се заканува со милитантни изјави дека ќе имало безбедносни проблеми и затоа јас сакам да ги успокојам граѓаните дека такви проблеми нема да има и дека единствена безбедносна закана по државата е криминалната коалиција на СДСМ и ДУИ. Не би сакал да верувам во обидот за манипулација и внесување страв кај граѓаните од страна на политичари кои не знаат да гледаат во иднината, посочи Мицкоски.
За време на престојот во Битола претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски придружуван од градоначалникот Тони Коњановски учествуваше на средба со стопанственици од градот и најави нов проект што ќе го реализираат локалните власти.
– Од Битола го најавувам проектот „Отворено со граѓаните – создаваме нова иднина” кој ќе биде столб во неприкосновената борба против криминалот и корупцијата. Во овој проект ќе работи тим што ќе го сочинуваат експерти од партијата но и од граѓанскиот сектор и каде граѓаните ќе можат отворено да пријават злоупотреба на нивното право за општинската администрација, во оние општини во кои ВМРО – ДПМНЕ има мнозинство во Советот и градоначалник. Исто времено ќе може да пријават свое задоволство или незадоволство и ќе ја следат реализацијата на програмата со која настапивме на локалните избори, а со цел да може да го следам тоа што сум го ветувал во кампањата бидејќи ветеното треба да се испорача, чесно и достоинствено. Со овој проект вртиме нов лист во работата на општинската администрација кој ќе го пресликаме и во централната администрација, истакна Мицкоски.
Во пресрет на претстојниот редовен конгрес на ВМРО – ДПМНЕ, Мицкоски најави дека оваа недела ќе поднесе кандидатура за избор на претседател на партијата.