Во времиња кога брзината е поважна од вредноста, кога нашето внимание го преокупираат инстантни „твитови” и фејсбук објави, секој континуитет кој остава развојни траги во нашата културна историја има непроценлива важност. Токму затоа, Друштвото на ликовните уметници на Македонија, има вонредно значење, имајќи ги во предвид сите децениски искушенија во кои настанува, се развива и опстојува до ден-денешен. Станува збор за една од најзначајните струкови уметнички и културни заедници, која ги одразува тековите не само во ликовната уметност, туку, генерално, во современото македонско уметничко творештво.
Само со јасни стратешки определби за градењето на културните политики, можеме да го развиваме нашето културно наследство во една нова, конструктивна и креативна критичка перспектива, што е основата врз која се создава и актуелната, живата култура. Овој јубилеј на ДЛУМ, треба да ни биде поттик и поука за тоа како треба секој човечки влог, настанат во специфични идентитетски, економски и социо-културни околности, да се документира, негува, култивира и развива понатаму како отворена структура за новите парадигми во културата, уметноста и генерално, во општеството.
Не само заради моментната инспирација од овие импозантни дела, околу нас, на нашата модерна и современа уметност, транс-историските аспекти на постоењето на уметничкото творештво можеме да го согледаме низ целокупното постоење на ДЛУМ. Имено, стиловите кои ги втемелуваат неговите основачи, Личеновски, Мартиноски, Поповиќ-Цицо, Владимирски, Белогаски и многумина други, како и оние на денешната, актуелна уметничка продукција, претставуваат потпорна точка од која произлегува фактот дека нашите уметнички креации се рамноправен репрезент на светските струи во уметноста. Авангардата на македонската ликовна уметност е револуционерна за времињата кога се формира ДЛУМ, но, актуелна е за денешните, а ќе биде и за сите идни генерации.
Дозволете ми во ова прилика да се повикам на размислувањата на еден од најзначајните визуелни уметници од втората половина на минатиот век, Јозеф Бојес, чија 100 годишнина од раѓањето прославуваме годинава и кој несомнено има влијание и врз нашите современи уметници. Тој вели: „Сметам дека уметноста е темелна политичка сила, дури би рекол, револуционерна и еволуциска. Единствената сила која може да го ослободи човештвото од репресија. Секој уметник е ко-создавач на општествената архитектура, и, со тоа, учествува и има одговорност во креирањето на прогресивните, демократски процеси во општеството. Уметникот е слушнат од сите, затоа што неговиот глас преку творештвото, неговиот јазик, стигнуваат најдалеку… па колку и да се неповолни условите во кои уметниците создаваат… тие ја имаат моќта да бидат гласот на тивките и на обезгласените…”.
Низ историјата на ДЛУМ може да се увиди дека визуелните уметности, во сите нивни многубројни форми и изрази, низ целиот 20 век, па сѐ до денес, се единствените од сите гранки на уметностите кои се во динамична промена, налик на динамичните промени на целиот социо–културен и политички пејзаж. Тие промени се технолошки, но, и естетски. И преку нив, еве и овде, низ оваа ретроспектива посветена на 75 годишнината на ДЛУМ, осознаваме дека уметноста низ разни техники реагира и укажува на општествените финеси, аномалии, се разбира и на доблестите. Дискурсот кој го нуди уметноста е клучната алатка која може длабински и суптилно да навлезе во проблематичните, но и во прогресивните општествени перспективи. А при тоа, уметниците никогаш да не ја напуштат својата автономија.
Низ историјата на ДЛУМ прилично транспарентно може да се согледа општествената инфраструктура на нашиот културен и уметнички развој. Историјата и актуелната вредност на ДЛУМ се наследство кое трае и отвора нови хоризонти. Со тоа, ДЛУМ останува да биде едно од најзначајните јадра на културните политики, кои треба внимателно да ги развиваме.
Ви го честитам јубилејот и ви посакувам уште многу творечки патувања во децениите кои доаѓаат!