Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска во Основниот кривичен суд во Скопје сведочеше дека експремиерот Никола Груевски, обвинет во случајот „Плацови на Водно“, барал од него да му предложи архитекти, односно проектанти за парцелите на Водно и во Крушево, кои се дел од обвинението во овој предмет. Но, како што рече, за овие парцели се дискутирало, како и за многу други, во рамки на активностите на Комитетот за градежна експанзија, па во неговото сведочење не посочи дека станувало збор за личен интерес на бившиот премиер. Меѓутоа, од друга страна, рече дека „бомбите“ што беа објавувани за земјиште на Водно може да ги поврзе со локациите за кои своевремено дискутирале.
Јанакиески раскажа дека едната парцела на Водно од околу 3 000 квадратни метри, која била државно земјиште, на јавно наддавање ја купила фирмата „ИТК инженеринг“ каде што сопственик или управител бил Александар Ивановски – Алек Теранова. Бизнисменот, рече Јанакиески, како и за многу други локации, го контактирал да го праша за процедурите за јавно наддавање со оглед дека тогаш во 2012 година новина било воведувањето електронско наддавање. На прашање на обвинителката Лиле Стефанова, дали и други лица го распрашувале, тој рече дека и тогашниот премиер Никола Груевски го прашувал, но не само за таа туку и за други локации.
„Многу често со тогашниот премиер Никола Груевски, за многу објекти, тој ме прашуваше за архитекти, урбанисти итн. бидејќи Министерството за транспорт и врски издаваше лиценци. Конкретно, и за оваа локација ме имаше контактирано, но и за други. Јас му предочив неколку архитекти кои може да го изработат тој проект. Што се случи понатаму, не можам да кажам”, сведочеше Јанакиески.
Тој зборуваше дека за вакви прашања се дискутирало на Комитетот за градежна експанзија, со кој претседавал Груевски, а чија цел била урбанизација и наоѓање инвеститори за локациите.
„Во рамките на Комитетот за градежна експанзија, тело кое се грижеше за забрзување на градежниот сектор, често зборувавме за анимирање потенцијални инвеститори за земјишта со цел истите да бидат ставени во функција. Покрај другите локации, како што се сеќавам, ме замоли да анимирам потенцијални инвеститори за оваа локација, но тоа не беше единствен случај каде што анимиравме, не само јас туку и министрите за економски прашања”,рече Јанакиески.
За оваа и за другите локации, кои сакале да ги стават во функција, била изготвена почетна или пазарна цена која била околу 400 евра. Потоа, рече дека заинтересираните ги упатувал кај Александар Ивановски кој бил претставник на фирмата која го купила државното земјиште. За потсетување, Ивановски во своето сведочење на претходното рочиште рече дека Сашо Мијалков, кој исто така е еден од обвинетите, побарал од него да се формира фирма за да купи парцела на Водно, за негов пријател.
На прашање на обвинителката дали Груевски барал информации и за други државни градежни земјишта што се продаваат надвор од Скопје, Јанакиески ги спомена и парцелите во Крушево.
„Од она што можам да се сетам, Никола Груевски за некој познаник, пријател, ме замоли ако може да му препорачам архитект“, рече Јанакиески и додаде дека тоа било парцела во викенд-населба на која требало да се нацртаат куќа и видиковец.
Јанакиески одговараше и на прашања за земјиштето од 11 000 квадрати метри на Водно, кое било на приватни сопственици и потоа било купено преку фирмите инволвирани во случајот, а за кое Обвинителството тврди дека Груевски е краен сопственик.
„Конкретно, кои беа разговорите и барањата на Груевски поврзани со земјиште во местото Шербетница?”, праша обвинителката Стефанова.
„Дискутиравме во однос на начинот на урбанизација, тогаш му објаснував за законските аспекти како може да се урбанизира едно земјиште, на пример, од аспект на големина на парцела, намена на парцела, начин и постапка, согласно Законот за парцелизација на земјиште, како едно земјиште може да се подели на повеќе градежни парцели… Неговите прашања и нашите одговори беа околу законските процедури… Исто така, во тој период во фаза беше изготвување на ГУП и во таа пригода ме прашуваше за законските процедури за носење на ГУП итн. Таа дискусија беше околу процесот на урбанизација”,зборуваше Јанакиески.
Тој објасни дека дискутирале за делови на Водно кои се надвор од Генералниот урбанистички план, меѓу кои и конкретното земјиште, па се зборувало за тоа како некое земјиште може да биде дел од опфатот со ГУП.
Дел од активностите на Комитетот за урбанизација тој рече дека биле и посети на терен, па така при посета на таа локација во дискусијата било предложено тие 11 000 квадратни метри да влезат во ГУП.
„Разговаравте ли конкретно со Груевски на колку парцели може да се подели ова земјиште?”, праша Стефанова.
„Во делот за организација на земјиштето, дискусијата беше во насока како би можело да се урбанизира од делот на ДУП, во ГУП не може да се направи парцелизација. Неговите прашања беа за тоа колку градежни маркици може да бидат дел од тие 11 000, колку е минимумот за да биде една градежна парцела итн.”, рече Јанакиески.
Обвинителката при крајот на испрашувањето праша и дали „бомбите“ што беа објавувани во 2015 година за земјиште на Водно може да ги поврзе со овие земјишта за кои сведочеше.
„Во 2015 г. од тоа што излезе во медиумите се присетив дека таа била локацијата што сме ја дискутирале. Но, во однос на сопственост и што се случувало, не знам, првпат слушав од медиумите и за таа формата ‘Сирах инженеринг’”, одговори Јанакиески.
Во случајот Груевски е првообвинет, а делата се перење пари и противправно стекнување и прикривање имот. За разлика од него, кому му се суди во отсуство, на обвинителка клупа седат Сашо Мијалков (за помагање во перење пари), Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ, кои се обвинети за перење пари.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија, наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно.