Одбраната на владеењето на правото ќе биде еден од водечките предизвици на француското претседателство со ЕУ кое започнува во јануари, изјави претседателот на земјата, Емануел Макрон.
Во дебатата во Европскиот комитет на регионите (КоР), францускиот претседател рече дека на демократијата и на европските вредности им е потребно „независно и непристрасно судство, некорумпирани власти и слободни и плуралистички медиуми”.
Макрон синоќа во КОР изјави дека европските вредности во моментов се „спорни во неколку членки на ЕУ”, но тој отворено не посочи на земји како Полска и Унгарија, пишува еурактив.фр.
Претседателот на Комитетот Апостолас Цицикостас рече дека „демократијата не може да постои без безбедност” и ја нагласи улогата на Европа во справувањето со неа.
– Сега сме сведоци на зголемување на насилството, чии жртви понекогаш се локално избрани претставници, рече Цицикостас, додавајќи дека Европа мора да даде одговор кој ја гарантира иднината на европскиот модел на демократија.
Одговарајќи на тие стравови, Макрон рече дека демократијата и владеењето на правото „никогаш не можат да се земаат здраво за готово” и им вети на членовите на КоР дека можат „да сметаат на решителноста” на владата во Париз да ги брани тие вредности кога Франција ќе ја преземе претседателството со ЕУ.
Тој додаде дека станува збор за „егзистенцијална борба” за да се обезбеди почитување на европските правила и демократија.
Според Макрон, уште еден голем предизвик ќе биде заштитата на европската демократија од сите форми на манипулации.
Тој додаде дека ова конкретно се однесува на заштита од лажни информации и кибер закани што ги користат непријателите на Европа и на либералната демократија.
Францускиот претседател рече дека, со оглед на овие закани, „мора да дејствуваме за да ги браниме нашите новинари” и подобро да го регулираме финансирањето на политичките партии и политичкото рекламирање на интернет.
Макрон, исто така, ја истакна важноста на заштитата на независните медиуми, што е од суштинско значење за „виталноста” на демократијата.
Тој посочи дека финансирањето не може да ја диктира уредувачка политика и вети „силни иницијативи” за слобода на медиумите во 2022 година.