Австрискиот канцелар Александар Шаленберг најави дека ќе поднесе оставка кога неговата конзервативна Народна партија ќе се договори за следниот лидер бидејќи Себастијан Курц претходно денеска најави дека ќе се откаже од таа позиција, пренесе „Ројтерс“.
-Цврсто верувам дека и двете функции – шефот на владата и лидерот на австриската партија со најмногу гласови – набргу треба повторно да бидат на исто место-, се вели во соопштението на Шаленберг, кој на оваа позиција дојде пред два месеца.
По најавата на Шаленберг дека функцијата ќе ја препушти на идниот лидер на ОВП, и министерот за финансии Гернот Блимел вечерва најави дека поднесува оставка. Блимел се води како еден од обвинетите покрај Курц во истрагата за проневера и поткуп, поврзана со нарачување наводни лажни истражувања.
Се шпекулира дека ОВП не сака да чека да види дали ќе се појават дополнителни онлајн разговори кои дополнително би можеле да го оптоварат Блимел.
Во Австрија се шпекулира дека министерот за внатрешни работи Карл Нехамер би можел да ја преземе функцијата лидер на ОВП, но и како канцелар и министер за финансии.
Во австриската влада може да дојде до дополнителни промени во владата, бидејќи се споменува дека Нехамер би можел да ги замени министерката за економија Маргарета Шрамбек, министерката за земјоделство Елизабет Кестингер и министерката за интеграции Сузана Раб, членки на владата кои биле многу блиски со Курц.