Премиерот на Косово, Албин Курти изјави дека е оптимист за претстојната средба во Охрид и очекува да се постигне договор меѓу Белград и Приштина.
„За планот за имплементација треба да се разговара во Охрид, а можеби и не само во Охрид. Јас сум оптимист, но дали средбата ќе успее или не, вие добро знаете дека не зависи само од мене. Знаете дека понудив да го потпишам договорот на 27. февруари“, изјави Курти за медиумите во Приштина.
Премиерот тврди дека секој неуспех во дијалогот, никогаш не бил по негова вина, а тој бил посветен, конструктивен и креативен.
Како што рече, од 2 јули 2011 до 25 август 2015 година биле постигнати вкупно 39 договори, а Заедницата на српски општини ги сочинува првите шест точки од договорот кој е 16 по ред, од вкупно 39.
Новата рунда дијалог меѓу Белград и Приштина ќе се одржи на 18 март во Охрид, кога Македонија ќе ја посети високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.