По којзнае кој пат, владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ го злоупотребува европското знаменце. Ова е нотирано и во извештаите од Европската унија и е посочено како не демократската пракса, но за жал, гледаме дека овие предупредувања не ги сваќаат доволно сериозно, истакна Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Овојпат, како што вели, предмет на злоупотреба е Законот за игрите на среќа, закон за кој нема никакво повикување на регулатива или директива која се транспонира во домашното законодавство, односно не се врши хармонизација на македонското законодавство со законодавството на Европската унија.
За злоупотребата на европското знаменце за овој закон, како што рече, јавно писмо со критики до Владата упати и австрискиот амбасадор.
„Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија има конзинстентен став дека секој закон треба да го помине филтерот на предметната комисија, а Комисијата за европски прашања да ја проверува усогласеноста на законите со европските директиви и регулативи. Токму затоа, ќе бараме овој закон да се симне од дневен ред на денешната седница, а Собранието дополнително да ја преиспита употребата на ЕУ знамето за овој закон. Дополнително, група свиркачи до ВМРО – ДПМНЕ изнесоа сериозни аргументи дека ваквото законско решение го има пишувано еден вицепремиер кој неколкукратно ќе го зголеми своето лично богатство доколку овој закон биде донесен“, вели Лефков.
Пред неколку месеци, како што појасни, пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ спречи донесување на автентично толкување за формирање на паралелна државна видеолотарија, неуспешен процес кој се одвиваше под покровителство на Артан Груби, но изгледа дека клишето “криминалецот се враќа на местото на злосторот“, се применува, додава Лефков.