Зајакнувањето и развојот на институционалните и организациски капацитети за борба против даночното затајување и даночните измами, како и имплементирањето на целите за одржлив развој се во фокусот на Меморандумот за соработка што денеска го потпишаа Управата за јавни приходи (УЈП) и Програмата за развој на Обединетите нации. На овој начин, како што наведува УЈП, се потврди заложбата за продолжување на долгогодишната заедничка соработка помеѓу УЈП и УНДП.
-Во последните години УНДП беше значаен партнер на Управата за јавни приходи во делот на измената и дополнувањето на законите, кои се однесуваат на одредби за трансферни цени, развивање алатки за анализа на ризик за транферни цени, обуки за спроведување финансиска анализа на ризик за трансферни цени, како и анализа на извештаи и контроли на трансферни цени. Токму преку УНДП нашите вработени добија експертска поддршка од Словачката даночна администрација каде се запознаа со меѓународната пракса и словачкото искуство во делот на регулативата за трансферни цени и постапката за контрола на трансферни цени. Верувам дека заедно можеме да придонесеме во борбата против даночната евазија и даночната измама со што ќе влијаеме за повисока доверба на граѓаните во институциите преку зајакнување на капацитетите на Управата за јавни приходи и во овој дел, изјави директорката на УЈП, Сања Лукаревска.
Таа истакна дека во глобалната економија кога сè повеќе има потреба земјите да ги отвораат своите граници за меѓународна трговија и инвестиции, од суштинско значење е државите да можат да го наплатуваат данокот за добивката која компаниите ја остваруваат во земјата и тоа да го прават на начин што нема да ја дестимулира или нарушува меѓународната трговија и инвестиции. Преку продлабочената соработка со УНДП, ги јакнеме институционалните и организациските капацитети на УЈП за супервизија и контрола на деловните банки, осигурителните друштва, менувачниците, штедилниците и другите финансиски институции. Се овозможува „know how“ за Даночниот инспекторат во делот на контроли за трансферните цени, со што позитивно влијаеме и врз приходната страна на Буџетот.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Армен Григорјан рече дека потпишувањето на меморандумот отвора пат за реализирање нови заеднички иницијативи и проекти со Управата за јавни приходи.
-Досегашната соработка во делот на трансферни цени и автоматска размена на информации за даночни цели покажа видливи резултати во насока на креирање пофер даночен систем за граѓаните и за компаниите. Од друга страна, овие активности се од клучно значење за пристапниот процес во Европската Унија, но и за остварување на Целите за одржлив развој на Обединетите нации, рече Григорјан.
Управата за јавни приходи е вклучена во активностите во рамки на проектот „Поддршка на реформите за управување со јавните финансии“, кој го имплементира УНДП со финансиска и експертска поддршка на Министерството за финансии на Република Словачка и Словачката агенција за развојна соработка. Активностите на проектот се насочени кон зајакнување на капацитетите на Министерството за финансии и на Управата за јавни приходи во процесот на прилагодување кон меѓународните стандарди во делот на трансферни цени.