Во Англија од последниот пресек се регистрирани 162.572 нови случаи на коронавирус, што е највисок дневен биланс од почетокот на пандемијата. Претходниот рекорд беше поставен во петокот, кога беа регистрирани 160.276 новозаразени лица.
Бројот на заразени во Англија е во пораст петти ден по ред, пишува „Гардијан”.
Во изминатите 24 часа од Ковид-19 починале 154 лица. Бројките за Велс, Шкотска и Северна Ирска ќе бидат објавени по новогодишните празници.
Скокот на бројот на заразени со варијантата омикрон на коронавирусот може да доведе до тоа Израел да постигне колективен имунитет, изјави денеска највисокиот здравствен функционер во земјата, додека бројот на случаи продолжува да расте.
Високо заразната варијанта омикрон доведе до зголемување на случаите на коронавирус ширум светот.
Бројот на заразени ширум светот достигна рекордно ниво, при што во просек од 24 до 30 декември се регистрираа нешто повеќе од еден милион случаи дневно.
Смртноста, сепак, не е зголемена до тој степен, што дава надеж дека новата варијанта е помалку смртоносна.
Израел успеа до одреден степен да го спречи ширењето на омикрон до крајот на декември, но бидејќи стапката на инфекција сега расте, се очекува дневните случаи да достигнат рекордно високо ниво во следните три недели.
Тоа може да резултира со колективен имунитет, рече главниот директор на Министерството за здравство Нахман Еш.
– Цената ќе биде многу заразени, изјави Еш за Радио 103ФM.
– Бројките ќе мора да бидат многу високи за да се постигне колективен имунитет. Тоа е можно, но не сакаме тоа да го постигнеме со инфекција, сакаме тоа да се случи како резултат на вакцинирање на многу луѓе, рече тој.
Околу 60 проценти од 9,4 милиони жители на Израел се целосно вакцинирани – речиси сите со Фајзер/Бионтек, соопшти Министерството за здравство, што значи дека тие или примиле три дози или неодамна примиле втора доза.
Но, стотици илјади од оние кои ги исполнуваат условите за трета вакцинација досега не го сториле тоа.
Од почетокот на пандемијата во Израел се регистрирани околу 1,3 милиони случаи на зараза со коронавирусот.
Но, два до четири милиони луѓе би можеле да бидат заразени до крајот на јануари кога бранот на омикрон би можел да се смири, според Еран Сегал, научник од Институтот за наука Вајцман и владин советник.
Во изминатите десет дена, бројот на новозаразени се зголеми за повеќе од четири пати.
Се зголемија и тешките случаи, но со многу помала стапка – од околу 80 на околу 100.
Имајќи ја предвид појавата на тешки форми на болеста, Еш рече дека размислува да дозволи четврта доза од вакцината за сите луѓе над 60 години, по минатонеделното одобрување за имунокомпромитирани и стари лица во домовите.