Јавната обвинителка на Њујорк повика на испитување уште две од децата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, Доналд Трамп помладиот и Иванка Трамп, како дел од граѓанската истрага за измама поврзана со бизнисот на Трамп, јави денеска весникот „Њујорк Тајмс”.
Поканите, издадени од канцеларијата на јавната обвинителка Летиција Џејмс, им биле предадени уште на 1 декември, заедно со судската покана до самиот Трамп, пишува весникот, цитирајќи лице запознаено со случајот.
Поранешниот републикански претседател во меѓувреме ја тужеше обвинителката Џејмс за да ја блокира нејзината истрага против неговата компанија, обвинувајќи ја за „политички прогон” и „лов на вештерки”.
Канцеларијата на Џејмс сака да ги испраша членовите на семејството Трамп како дел од истрагата во која треба да се утврди дали компанијата „Организацијата Трамп”, манипулирала со проценетите вредности на нејзиниот недвижен имот.
Нејзината истрага е поврзана со кривичната истрага на окружниот обвинител на Менхетен за деловните практики на компанијата на Трамп, вклучително и наводите дека таа ја преувеличила вредноста на дел од нејзиниот недвижен имот за да добие заеми и даночни олеснувања. Џејмс се приклучи на истрагата во мај. Двете истраги се одвоени.
Канцеларијата на јавната обвинителка Џејмс го сослуша Ерик, синот на Трамп, во октомври 2020 година, наведува весникот „Њујорк Тајмс”.