Хрватскиот селектор Хрвоје Хорват се соочува со огромни проблеми со составот откако двајцата најдобри ракометари на „коцкестите“, Лука Циндриќ и Домагој Дувњак, беа позитивни на денешното тестирање на коронавирус.
Информацијата ја потврди и Хрватската Ракометна Федерација, која обелодени дека двајцата ракометари веќе се наоѓаат во самоизолација и чувствуваат благи симптоми на болеста.
За 7 јануари е закажано ново тестирање, па доколку асовите на Барселона и на Кил бидат негативни, веднаш ќе се приклучат на националниот тим. Доколку се случи да останат позитивни, дополнително ќе биде решено дали тие воопшто ќе бидат во комбинација за шампионатот што стартува на 13 јануари, со оглед на фактот дека ќе ги пропуштат речиси целите подготовки.
Хрватска е дел од групата А на ЕП 2022 во која „коцкестите“ ќе ги одмерат силите со Франција, Србија и со Украина.