Почнува вакцинацијата против морбили на терен согласно наредбата од Министерството за здравство за теренска вакцинација на сите невакцинирани деца од школска возраст. Во 11 училишта на територија на град Скопје во четири општини денеска ќе се изврши вакцинација на повеќе од 480 деца, изјави денеска во ООУ „Јан Амос Коменски”, директорот на Здравствен дом Скопје, Злате Мехмедовиќ, каде здравствени тимови треба да вакцинираат или ревакцинираат околу 50 деца.
Тој истакна дека во тоа училиште од изутрината досега биле вакцинирани две деца. Во изминатиот период, посочи, имавме една теренска вакцинација што не беше успешна и затоа заедно со Министерството за здравство одлучивме да ја повториме и да го покриеме опсегот на деца кои не беа вакцинирани.
–Според нашите сознанија во првиот круг на теренска вакцинација не беа вакцинирани околу 3.800 деца. Од нив беа вакцинирани само 300 деца, што не е задоволителен процент. Затоа во наредните десет дена очекуваме да ја повториме оваа теренска вакцинација и да го зголемиме процентот на вакцинирани деца, рече д-р Мехмедовиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа кои се причините за неуспешноста на првата теренска вакцинација појасни дека таа од организациски аспект била лошо спроведена, затоа што и покрај тоа што имале известување до школите немало соработка на локалната самоуправа со здравствените власти, за да може да има непречен пристап на нивните вакцинални тимови до училиштата.
– Сега на повисоко ниво е подигната свеста за тоа колкава е потребата за вакцинацијата. Министерството за образование активно се вклучи со поддршка на процесот на вакцинација во училиштата. Министерството за здравство даде точни препораки и наредби за тоа како треба таа да се одвива и очекуваме дека овој пат процентот ќе биде значителен, истакна д-р Мехмедовиќ.
Во врска со тоа дали има реакција од родители кои денеска не ги пуштиле децата во училиште или потпишале дека не сакаат да се вакцинираат или ревакцинираат, рече дека до нив се уште не пристигнала ниту една реакција.
– Ова е првото училиште каде почнуваме денеска. Засега нема реакција од родител. Очекуваме во текот на денот или наредните денови да видиме како ќе се одвива процесот, дали ќе имаме реакции. Ќе бидеме во редовна комуникација со министерствата за образование и за здравство и ќе ги информираме за сите проблеми со кои се среќаваме на терен за да ги остраниме веднаш, нагласи д-р Мехмедовиќ и додаде дека околу 15 часот ќе ги имаат резултатите за тоа колку ученици се вакцинирани во ООУ „Јан Амос Коменски” и во ООУ „Петар Поп Арсов”.