Тринаесет лица кои по вторпат се заразиле со ковид-19 починале, вели извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Од почетокот на пандемијата до денес, регистрирани се 6.494 реинфекции, што е 2,4 проценти од вкупниот број позитивни случаи во земјава, а од нив 17 се болни кои се разболеле по третпат.
Само изминатата недела, од 24 до 30 јануари, биле пријавени 1.558 реинфекции или една четвртина од вкупниот број повторни заразувања. Тоа е скоро идентичен број во однос на претходната седмица.
Досега во лабораторијата за вирусологија при ИЈЗ се детектирани 255 пациенти позитивни на Омикрон варијантата (B1.1.529). Детектирани се и примероци со Делта сојот.
Пријавени се 148 смртни случаи во 26 градови во текот на изминатата недела, за 38,3% повеќе
во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (48).
Во однос на возраста, најголем број (n=132; 89,2%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (12), 40-49 години (2) и двајца починати на возраст меѓу 20 и 29 години.
Регистрирана е зголемена инциденца (број на заболувања на 100 илјади жители) во 30 градови во државата, а намалување на инциденцата во последните две недели се забележува во Крушево, Пробиштип, Прилеп, Охрид и Битола во однос на претходните 2 недели.
R0 (фактор на преносливост) се движи од 0,61 во Демир Хисар до 1,32 во Демир Капија. На државно ниво факторот R0 изнесува 1,00 односно еден заболен заразува 1 нов пациент.