Според последната статистика, минатата недела се регистрирани 11.916 нови случаи на Ковид-19 од вкупно 38.518 земени примероци или секој трет тестиран бил позитивен на вирусот. Во Скопје и понатаму има најголем број на заразени. Минатата недела во Кавадарци имаше највисока, а во Дебар најниска стапка на зараза. За една недела се пријавени 148 смртни случаи што е за 38,3 отсто повеќе во однос на минатата недела. Најголем дел од починатите се од Скопје и повеќето се на возраст над 60 години, се наведува во последниот извештај на Институтот за јавно здравје. Од почетокот на пандемијата, во Македонија починале 8.409 лица како последица на вирусот, а над 80 проценти од нив имале и други здравствени проблеми, како што се кардиоваскуларни болести, дијабет, белодробни, невромускуларни, бубрежни заболувања и карцином. Починале и 13 лица кои по вторпат се заразиле со Ковид-19. Од почетокот на пандемијата регистрирани се 6.494 реинфекции, а 17-мина се заразиле по третпат. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 268.901, бројот на оздравени пациенти е 246.864, а бројот на активни случаи изнесува 13.628.