Со Бугарија договорен механизам за заштита на инвеститорите

Северна Македонија и Бугарија имаат исти цели, економски раст и подобар животен стандард, посочија министерот за финансии Фатмир Бесими и бугарскиот министер за иновации и раст, Даниел Лорер, по одржувањето на првиот состанок на Работната група за економија, трговија и иновации.

„Заедничките активности што ги утврдиме уште на првата средба во Софија и преку конкретните чекори што денеска ги договоривме на првиот состанок на Работната група за економија, трговија и иновации, а на кои ќе работат во наредниот период одделните институции, ќе биде придонес кон нивното остварување“, посочија двајцата министри денеска во Скопје.

Двете страни се заложиле дека ќе го вложат својот максимум за да ја остварат поставената цел, а тоа е зајакнување на економската соработка.

Конкретно е договорено да се воспостави механизам за заштита на инвеститорите од двете земји.

„Исклучително важна тема што ја поддржавме е механизмот за транспарентност на инвестициите. Преку овој механизам секој бугарски инвеститор во РС Македонија, како и секој македонски инвеститор во Бугарија ќе имаат можност при најмал сомнеж за дискриминација или нееднаков третман од локалните и централните власти да дадат сигнал дека ќе да бидат видливи на највисокото политичко ниво“, изјави Лорер.

На состанокот е донесен заклучок и за конкретна соработка меѓу Фондот за иновации и технолошки развој од земјава и Фондот на фондови од Бугарија за развој на проекти и поддршка на компании од двете земја во однос на иновациите.

На денешниот состанок формирани се повеќе работни групи, кои во наредниот период ќе работат на конкретни активности.

Како што беше истакнато од страна на министрите Бесими и Лорер, процесот е партиципативен и инклузивен, а денеска, во рамки на одржувањето на првиот состанок, делегациите ќе се сретнат и со стопанските комори од двете земји, кои имаат важна улога и ќе бидат додадена вредност на она што се презема.

Треба да знаете
Последни објави