Туристите и верниците кои ја посетуваат базиликата Сан Џовани во Рим овој Велигден имаат единствена можност да ги видат, но и да се искачат по Светите скалила, кои се откриени за прв пат во последните 300 години, а по кои, според верувањето, пред распнувањето Исус чекорел до Понтиј Пилат, човекот кој му пресудил.
Скалилата познати под латинскиот назив Scala Sancta се прекриени со даски од ореово дрво, а за јавноста ќе бидат достапни во текот на следните два месеца, по деталниот потфат за реставрација.
Во оригинал, скалите се мермерни и на нив на три места се наоѓаат три капки од крвта на Исус, за кои се тврди дека паднале во текот на неговото искачување.
Со тие капки се означени средновековни крстови кои туристите и верниците ги бакнуваат и допираат додека на колена се искачуваат кон врвот на скалите, пренесува Си-ен-ен.
Од подножјето до врвот има вкупно 28 скалила, кои, како што укажува Евангелието според Јован, Исус ги минал неколку пати.
Иако не постојат пишани податоци, отец Франческо Гуера, ректор на Светите скалила, вели дека според предението, мајката на царот Константин, Елена, инаку, страствен колекционер на реликвии од Исус во 4 век, побарала скалилата да и се донесат од Ерусалим.
Скалилата наскоро повторо ќе бидат прекриени со дрво за да се заштити оригиналниот мермер, но во наредните неколку недели посетителите на Рим може да чекорат по нешто за кое се смета како голема светост со стапките на Исус.