На итниот состанок на Арапската лига во Египет, свикан на барање на Палестинците, земјите-членки ветија дека ќе ѝ плаќаат 100 милиони долари месечно на Палестинската самоуправа за да ги неутрализираат кусоците поради израелската одлука за намалување на даночните приходи што Тел Авив собира за Палестинската самоуправа, пренесува „Спутник“.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас, кој ги интензивираше дипломатските напори да се спротивстави на претстојниот мировен план на администрацијата на Трамп, ги повика сојузничките држави да им помогнат на Палестинците. Тој инсистира дека мора да биде обезбедена безбедносна мрежа.
„Арапите треба активно да се ангажираат во ова критично време”, изјави тој.
Израел во февруари објави дека ќе задржи 138 милиони долари месечно од данокот што го собира и ѝ го префрла на Палестинската самоуправа според мировните договори во Осло од 1993 и 1995 година, што надминува 1 милијарда долари годишно.
Овие пари сочинуваат половина од месечниот буџет на Палестинската самоуправа. Намалувањето е како казна поради исплатите од Палестинската самоуправа за Палестинците затворени за тероризам и насилство од страна на Израел и за семејствата на напаѓачите.
Палестинската самоуправа протестираше против мерката и одби да ги прими средствата собрани од Израел додека Тел Авив не ја исплати целата сума. Како резултат на тоа, платите на многу вработени во Палестинската самоуправа беа намалени на половина во март. Згора на се, Светската банка неодамна предупреди за економска криза ако не се склучи договор.
Абас тврди дека Израел ја одбил неговата понуда за разговори за спорот заедно со САД.
„Им исплаќаме плати на семејствата на затворениците, мачениците и на повредените Палестинци од 1965 година. Должни сме да се грижиме за нивните семејства”, рече Абас.
Ветувајќи милиони на Палестинците, министрите за надворешни работи на Арапската лига во последната декларација го осудија секој мировен план што не ги почитува правата на палестинскиот народ, објави „Анадолија“.
Тие, наводно, се осврнале на одамна очекуваниот план на САД, наречен „Договор на векот”, кој наводно ќе предложи создавање палестинска држава во Појасот Газа. Во изјавата, наводно, се заклучува дека плановите кои не им дозволуваат на Палестинците законски права, никогаш нема да донесат траен мир во регионот.
Меѓутоа, висок официјален претставник на Фатах изјави дека некои арапски држави вршат огромен притисок врз Палестинците за да ги принудат да го прифатат договорот на Трамп.
„Некои арапски земји, особено Саудиска Арабија, Египет и Обединетите Арапски Емирати, се многу заинтересирани за „Договорот од векот“. Тие ги користат сите средства, вклучувајќи ја и политичката и финансиската уцена, да ги принудат Палестинците да го прифатат договорот и покрај сите опасности што ги претставува за палестинската кауза”, рече изворот, истакнувајќи дека Палестинската самоуправа нема да потклекне на никаков притисок.