Петмина осудени бараат да им се укине притворот, а Чавков докажува дека нема вила на Халкидики

Митко Чавков и уште четворица осудени за 27 април поднеле жалба до Апелациониот суд во која бараат до правосилноста на пресудите да се бранат од слобода, за што имаат дадено гаранции во текот на постапката.

Адвокатот на Чавков, Сашко Дуковски, достави до судот извод од катастарот на Халкидики, со кој, како што рече, се потврдува дека екс шефот на БЈБ не поседува вила, што беше една од главните мерки за изрекување на притворот.

-Извадивме од катастарот на Халкидики документ, јавна исправа од која се гледа дали Чавков има или нема вила на Халкидики, гулабарник или трло, рече Дуковски.

Тој пред судиите рече дека е сигурен оти судот ќе ја одбие жалбата на Чавков, но дека предметот ќе заврши во меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.

Освен Чавков, кој е осуден на 18 години затвор, жалба поднесоа Душко Лазаров, Горан Ѓошевски, Никола Митревски-Кољо и Абдулфета Алими.

Чавков има поднесено гаранција од 600.000 евра, на Ѓошевски 434.000 евра и на Лазаров 770.000 евра, целосно во недвижен свој и имот на роднини.

 

Треба да знаете
Последни објави