Германија дојде во Скопје, во втората фаза на 15. Европско женско ракометно првенство од групатаД која се играше во Подгорица, но покажа „заби“ и ја прегази Холандија во првиот меч (36:28) најавувајќи дека нема лесно да се откаже од трката за пласман во завршницата.
Холандија која ја победи Македонија во првата фаза од групите, тргна подобро имаше и плус три до средина од првиот дел (8:5) по што застанаа, Германките стигнаа до 10:10, а до полувремето веќе и до плус четири (17:13) за да ја најават победата, која после постојаната клацкалка од три до пет гола разлика во обидите Холанѓанките да се приближат, серијата од 7:1 реши сè.
Холандија имаше сè уште достижни 24:27, кога им се случи потоп, па Германија ги сомле во серијата за плус девет до 34:25 и тука заврши целата приказна.
Гријселс со осум гола беше најефикасна кај Германија, седум даде Штокшладер, а пет Ширмер, додека кај Холандија, Малестејн погоди осумпати, а уште три ракометарки дадоа по пет гола – Ван дер Хејиден, Ван дер Вилет и Ван Ветеринг.
Франција и Црна Гора имаат по четири бода кои ги пренесоа од првата фаза, Германија сега е трета со два, колку што има и Холендија и Шпанија, која вечерва од 20.30 часот во СЦ „Борис Трајковски“ игра против последната Романија која нема бод од првата фаза.
Фото: Слободан Ѓуриќ