Од денеска во судскиот регистар на Албанија впишана е уште една политичка партија. Станува збор за партијата Демократско убедување (БД),која ја формираа поранешниот потпретседател на демократската партија(ПД) Астрит Патози и Рудна Хајдари, координаторка на новоформираната парламентарна група од пратениците на Демократската партија, кои ги пополнија местата на пратениците кои се откажаа од мандатите. Кој од нив ќе биде лидер на новата партија се уште не се знае.
Претходно беше објавено дека тоа ќе биде Хајдари, ќерка на еден од основачите на ПД, Азем Хајдари, кој беше застрелан пред седиштето на партијата во септември 1998 година, но таа вчера го негиреше тоа.
Координатор на партијата е Патози, кој на Фејсбук ја објави веста дека партијата е регистрирана и оти сега ќе се пријави во Централната изборна комисија за учество на локалните избори закажани за 30 јуни, а кои обединетата албанска опозиција, предвоена од ПД ќе ги бојкотира.
„Демократската убеденост нема непријатели, туку само противници. Таа нема пријатели, туку само партнери, таа нема братучеди, другари и семејство, бидејќи избра да го заштити и застапува јавниот интерес,напиша Патози.
Според него, „Демократското убедување” е и ќе биде сериозна и целосно независна понуда, секогаш кога ќе има избори во Албанија.
Членови на новата партија ќе бидат и оние кои ги нарекуваат „стара гарда” на Демократската партија, кои поради разни причини се исклучени од нејзините редови. Еден од нив е токму и Патози, долгогодишен втор човек на партијата и координатор на пратеничката група на ПД во три пратенички мандати.
Ова е првата голема поделба во редовите на Демократската партија откако нејзин лидер е Љуљзим Баша, кој Рудина Хајдари ја внесе во политиката, во знак на почит кон нејзиниот татко.
Отцепувања имаше и додека на чело на партијата беше Сали Бериша,кога истата ја напушти Неритан Цека и ја формира партијата Демократска алијанса а потоа и Бамир Топи кој ја формира партијата Нов демократски дух.